Говедско за у вторник

Животот е веган од Лесковац. Се враќаш дома после 8 часа глума на работа, главата ти е предница од Буба, грбот свиткан како прашалник, а нервите се отвориле како штипки за веш. Сакаш да ги откачиш шлеповите, ама не знаеш дали прво да се истушираш, да легнеш, да вреснеш во перница или едноставно да зјапаш во ѕидот како теле у шарена врата додека тишината урла.

И токму во таа тишина, желудникот решава да се јави како непоканет „падобранец“: „Ало… каков е овој стечај без најава“. Од една страна сакаш да си ја стоплиш четвртината пица што останала од вчера во микро, а од друга страна не сакаш да бидеш статист во сопствениот живот. И тука влегува овој рецепАт, твојот мини спасител, твојата терапија во тава. Овој рецепт не бара познавања од квантна физика, ова е за нас, искрените борци за прелазна. За некој што сака брзо, едноставно и секси. Замисли го ова како мала интимна екскурзија. Нема правила, ниту комплицирани чекори, туку само ти, тавата и мирисите што ќе ја окупираат кујната.  Овој рецепт ќе биде твојот мал доказ дека и во најобичен вторник можеш да се почастиш домаќински. ​

Состојки: ​

Месо: Две дебели парчиња говедско месо. Тие се твоите партнери во криминал, затоа избери ги внимателно. ​
Путер: 100-тина грама путер за да го стоплиш срцето на тавата.
​Зачини и додатоци: ​Два до три чешниња лук: Излупени и исечкани ​
Неколку феферонки: Исечкани на ситни парчиња ​
Една гранка рузмарин: Веч носим на реверу. ​
Малку власец: Ситно исечкан, за декорација и за финалниот допир. ​
Парче сардела: Тие што читаат, ја знаат нашата скришна врска.
Сол и бибер: За да ги истакнете сите вкусови. ​

Подготовка:

​Загревање: Најпрво, ставете ја тавата да се загрее на силен оган.  ​Пржење на месото: Ставете ги парчињата месо. Пржете ги околу 2-3 минути од секоја страна додека не добијат убава, кафеава кора. Ова е моментот кога аромите почнуваат да се ослободуваат. Извадете го месото од тавата и оставете го на страна. ​

Ароматизирање: Во истата тава, додајте го путерот и почекајте да се растопи. Потоа додајте го рузмаринот, лукот, фефероните и сарделата. Оставете ги да се пржат неколку минути. Наскоро, кујната ќе ви замириса на мишелински ѕвезди. ​

Сервирање: Исечете го месото на подебели парчиња и ставете го на чинија. Прелијте го со еликсирот. На крајот, посипете со ситно сечканиот власец. И после ова вторникот не е само обичен вторник.

А кога сме кај вторник, Балашевиќ има песна посветено на вторник, во која што вели: „Трезан сам тако безвезан“.

Ама вие си знаете. 

Кирил Стоименов - ретко трезен, зашто такав је дезен

6 септември 2025 - 20:20