Крупен кадар од дланка на која што блеска златен прстен на оној прст шо стои помеѓу 'анти-естаблишмент' прстот и малиот 'Ото-Рино' прст, а палецот и показалецот лефтерно држат парче леб.
Со елегантен моушн камерата го следи спокојното движење на раката чија следна станица е чашата црно вино во која го брца парчето леб, за конечно да поентира во крајната дестинација - устата на извесен амеро-итаљански гангстер, најчесто толкуван од страна на Џо Пеши, Де Ниро, Ал Пачино, Гандолфини или некој сличен жабарски гастербајтер во јуесофеј.
Цело време у позадина низ транзисторски ефект се слуша: "Бонасера сињорина, Бонасера". Но, во денешната епизода од серијалот „Храна за возрасни“, во главна улога не е ниту еден од горепараграфските доајени на холивудското глумиште, туку малото парче леб.
Фокача!
Италијанската тестена принчипеса. Брз и супер едноставен рецепт. Велам брз, пошто нема да ја практикуваме традиционалната 24-48 часовна ферментација, туку ќе скратиме на само 2 часа.
Андјамоооо:
Пола килце брашно, сенаменско. Кога се спомне 'сенаменско' одма пред очи ми се појавуват они тубички за туширање шо ги користат 80% посто од мажите: у исто време шо се шампон, гел за тело, пена за бричење, средство за прање кола. Домаќинска работа, не како дамите, имат посебен шампон и регенератор за секое влакно.
У брашното џиткаме десетина грама сув квасец. Промешуваме. Сетне сол. Промешуваме, секонда волта. Хидрираме со 300 милилитри млака вода. И месиме. Едно 15-20 минути, интензивно, додека не добие мазна тестена топка. Истата топка ја ставаме во сад, ја освежуваме со маслиново, покриваме со најлонска фолија и оставаме барем...
2 часа подоцна...
Сад за печење, го премачкуваме со маслиново, џиткаме сол и го додаваме 'надојденото' тесто. Елегантно го распространуваме низ површината на садот и: маслиново на површината, шери патлиџан, маслинки обезсемкани, сол, рузмарин, лук во прав.
Рерната како петиот круг на Данте: загреана на 220 по Целзиусович. Печеме пола саат, од кои 20 минути во садот, 10 надвор од него. Вадиме, последен туш со маслиново (не е многу, без гајле) и чекаме малце да олади.
Додека се лади, инсталација црно винце, залижуваме коса, креваме јака, во меѓувреме пуштаме нокт на малиот прст и автоматски сме на готовс за... Уна Фокача!
Прајте шо ќе праите како амероитаљаните, само да не малтретирате жени како нив.
Бонислав Апетитус!
Кирилиус Стоименос - гроздоберач