Ииии... повторно сме на брановите на „храна за возрасни“ со омилената студентска храна: Шпагетите! Освен омилен студентски деликатес, шпагетите се и ‚прва помош‘ при крај на месецот, вид на вестерн филмови и чест надимак на луѓе шо имаат кадрава коса и локни.
Постојат иљадници варијанти за спремање шпагети и милијарди сосови за истите. Јас ќе дадам скромен придонес на листата со овој мој портокалов експеримент. Евтин, брз, едноставен, зборува преку пет јазика, скромен е, не пцуе и по потреба пружа алишта. Ок, сè после ‚едноставен‘ е очаен обид да бидам духовит, но останатото е факт и жива истина.
Ракавите засукани, идеме јако:
Во тенџере загреваме засолена вода. Чекаме да зоврие, а сетне ги вариме шпагетите. Ако не сте знаеле...
А на соседната рингла, во тава го припремаме нашиот магичен сос кои ќе ги претвори шпагетите од досаден и медиокритетен доктор Џекил во ѕверски и бескрупулозен господин Хајд.
На загреано масло пржнуваме ситно сецкан виолетов кромид. [Офф топик: гаам теорија дека Принс у мега-хитот „Прпл рејн“ ги опејува солзите пролеани у текот на сецкањето на виолетов кромид.] Додаваме и две чешниња лук исецкан на лентички. Потоа фрламе десетина листови свеж босилек. Сол & бибер. Откако зеленчуците ќе почнат да карамелизираат, дотураме 2-3 полни супени лажици доматно пире. Значи пире, не доматен сос. Промешуваме.
Потоа со цел да ја испортокализораме смесата, додаваме 3 лажици бела темперна, во овој случај павлака. Пред да ги додадеме шпагетите во тавата, пренесуваме една кутлача врела вода од пастата.
Потоа идат шпагетите, главечка. Ги обрќаме низ сосот, се додека сите не се извапцаат. На крај гасиме рингла и додаваме 50тина грама рендан пармезан и 50 грама путер. Финално промешуваме.
Сервираме со дополнителен пармезански снег и ситно сецкан магданос или босилек. Изненадете некој, викнете го на флуоресцентна рејветска паста.
Кирил Стоименов - Флуоросцентрик