Ептен крцкава риба во течно тесто

Фиш ен чипс - англискиот класик шо уопште не е англиски, како и грото ствари во нивните музеи. Класична гастербајтерска позајмица. Натурализиран рецепт. Оригиналниот марифет за ваква крцкаво спремена риба влече корени од еврејските Шпанци и Португалци што мигрирале прво во Холандија, а сетне во Англија. Помфритот е белгиски. Тоа ти е исто како сега јас и некој друг гастарбајтер од Латинска Америка да ги здружиме силите и да измислиме комбинација од тортиљи намачкани со ајвар и утре ова дачовите кулинарски антиталентирани да се чаламат дека ајвар-такосите се нивни изум. Не бидвит!

Него остај тоа, мене лично и персонално, рибата припремена во течно тесто ми е фантастичен начин да ги задоволам своите крцкави фетиши. За сите љубители на крцкавата храна, ова е вистинскиот рецепт. Преедноставен е, брз е за припрема и мега вкусен. Не бара самурајски кујнски вештини, скапа опрема, прљање 2 кубика садови.

Да ги искрцкаме коските на рацете и да се фаќаме за работа: Риба: Бела. На пример бакалар, како во мојот случај. Ги сецкаме филетите на правоаголни парченца и добро ги зачинуваме со сол, бибер и лук во прав. Парчињата риба ги набрашнуваме.

Мокро тесто: Oваа смеса е одлична за потопување свашта: пилешко, печурки, зеленчук, трауми од детство, проблеми на работа итн. А се прави вака:

Половина шолја брашно, бело како во песна од Аца Лукас, нанесуваме во длабок сад. Во истата шолја додаваме исто толку пиво или кисела вода. Ја истураме течноста во садот. Попрскуваме со малку прашок за пециво. Ептен малку. Мешаме. По потреба додаваме троа брашно или течност се додека не добиеме кремаста содржина.

Пржење: Додека ја спремаме рибата и тестото, на умерен оган загреваме тенџере со масло. Ако имате фритеза, уште подобро. Идеална температура на маслото би била 177 степени. Кујнски термометар му е мајката овде. Сум напоменал во повеќе наврати дека е евтин а супер-корисен аксесоар за во кујна. Близу тенџерето го поставуваме садот со мокрото тесто. До него рибата. Прво брцаме во смесата и потоа парчињата риба ги потопуваме во маслото. Пржиме 4-5 минути или додека рибата не постигне внатрешна температура од 63 степени.

Повторно, термометар, за да не готвите “на памет” и “од око” па да јадете пресушен ѓон од олстарки.

Сос: Припремаме еден инстант мајсторски сос - 3 инчуни, 2 супени лажици мајонез, една сенф, и сок од 4-тина лимон. Со мала кујнска жица ги кинеме малите рипки низ кондиментите. Лимоновиот сок само ги потенцира вкусовите. Апсолутен умами порно филм.

Парчињата риба ги попрскуваме со лимон или лимета, сосот ни е при рака и спремни сме да маневрираме. Во фрижидерот немири: пивата и шрицерите ќе си извадат очи за кој да искочи прв и да придружи на забавата. Кај мене победија пивата. Сите девет.

Уживанција до последен КРЦ!

На здравје!

Кирил Стоименов - пераја

3 октомври 2024 - 15:13