Доматобургер

Првите, а истовремено и последни дваесетина години од вториот милениум се дефинитивно златни години од оваа ера на диетите. Луѓето почнаа веќе религиозно да диетарат. Во ова техно-феудалистичко друштво, каде за прв пат во историјата на хомо-сапиенсот сиромаштијата е дебела, да си ‚нормално‘ граден стана луксуз. Одржувањето на линијата се претвори во топ-тема, но и во скап спорт. Цивилизацијата е опседната со режими на исхрана, но прекрасно, пронајде уште еден начин да се подели по кланови и да си ги вади очите.

Пред неколку денови гледав како банда кетодиеталци наоѓаат замена за леб кога праат сендвичи. Да ти се одјаде. Затоа еве им еден пристоен рецепт, за да не се брукаат по социопатските премрежја. Во суштина, денешниот рецепт е внук од втора братучетка на полнетите пиперки. Станува збор за патлиџани со мелено месо. Не можам да кажам дека ќе бидат полнети затоа што нема да ги празниме. Туку, ќе дојдат баш како лепиња за нашиот шампионски ‚бургер‘. Затоа и насловот е доматобургер. Екстра брзо, мега вкусно, ултра моќно, тера едноставно.

На буквата, на буквата - А? Ајдемо:

300 грама мелено месо, 50% гуце 50% јуне, го вбризгуваме во длабок сад, а уз него иде една пиперка, еден кромид, јајце, сол, бибер, оригано, свеж магданос и нане, пармезан, а ако не сте анти-леб диеталци иде и 50-тина грама презла. Мешаме како никогаш досега. Се бара кохерентна смеса.

И нашите зеленчукови лепињи каде што ќе престојува месото: патлиџани. Комада 5. Величина L. Сецкаме една третина од под дршката. Тоа ќе ни биде качкет за врз месото. На останатите 2/3 од доматот ѝ прскаме сол и бибер на површината и додаваме машала-топка од меснатата смеса. Турете панкерски, нема правило како и колку. Врз месото црвената еднотретинска баретка. Рипит на сите пет чеда.

Напомена: ако ви остане вишок месце, сролајте го во мали лоптици со големина на големи џамлии.

Предлог книга за додека да се испечат: „Големи ünd мали“ - Бöшкö Смаќöски.

А како да ги испечете? На 180 степени пола саат. Ако имате вентилатор на рерната, не штедете го. На крајот, доматот треба да е мек а месото сочно.

Царско за мезе, совршено за главно J-lo. Сецкате на пола и уживате во оваа прекрасна best-of компилација од вкусови. Најпријателски совет: почекајте 10-тина минути патлиџанот да олади пошто срцевината знае да гори како лава.

До свидање,
Кирил Стоименов - социопатолог

23 октомври 2022 - 11:33