Чорбест лек против мамурлук

  • Причинители: сте искочиле на едно пиво а сте испиле 200; сте ја лажеле партнерката, а и самите себе со 'уште оваа и бегаме" од 10 па до кај 2 сабајле; сте почнале со ракија, па сте се ладeле со пиво, па од коа снемало пиво дај шта даш;
  • Симптоми: Главоболка; проХлада; желуднични тегоби; криза на идентитет; 60 неоправдани; катаракта; тактилни халуцинации; дугови; коктел од уроци; треска; библијата под перница
  • Дијагноза: МАМУРЛУК терминална фаза/породилни болки/исусови маки

Ништо страшно. Благодарение на француската напредна кузина (најпретенциозен лигушки збор у свет, после 'апропо'), го имаме лекот. И да не ве ококори, у најмала рака ќе ве натера да турите една љута пееска уз него. А клин со клин се избива. Чат-пат и со ривeрб или овердрајв.

"Кога си многу мамурен, опи се шо побрзо. Не можеш у исто време да си и пијан и мамурен" - Трендо Оффнетски, лани-полани

Припрема: 5-6 главици драчевско тропско овошје: КРОМИД!!! Ги сецкаме на ленти. У тава убацуваме малку зејтин и џиткаме путер да се растопи. На тивок оган. Го додаваме кромидот, може со него плус две чешниња лук за од ѓаоли, и две гранчиња свежа мајчина душица. Ако немате мајчина душица, да сте живи и здрави. Посолуваме, рокаме бибер и мешаме сè додека кромидот не се искарамелизира.

Потоа додаваме 3 лажици сенаменско брашно, промешуваме и сетне истураме литро вода и 2 ловорови листа. Крчкаме 20 минути до пола саат на среден оган со повремено мешање.

Додека нашиот еликсир си клокоти, сечеме неколку парчиња леб, ги попрскуваме со масло и ги печеме на 150 степени околу пола саат. Последните 5 минути ги вадиме и додаваме рендано сирење/кашкавал по желба и ги враќаме внатре додека сирењето не се растопи. Добивате веома секси крутони или на биртијски сленг - нафора!

Кога чорбата е готова, ги елиминираме ловоровите листови и гранчињата мајчина душица и послужуваме во длабок сад. На површината ставаме две кришки од потпеченото кашкавалесто лепче.  Честитки!

  • Дозирање: КАКО ДА НЕМА УТРЕ! Или во зависност колку сте повредени и каде сте на спектарот.
  • Индикации: ококорување, воскресување, рехабилитирање, олеснување.
  • Контра-индикации: Радиоактивен здив!!!

СЕНАСЕ:

4-5-6 кромиди средна величина, M накај XL
Путер печеес грама
Лук
Ловоров лист комада два
Мајчина душичка
Брашно
Кришки леб, може и вчерашен
Сирење, било какво, да е рендано

Примариус дoктор,
Кирил Стоименов

10 октомври 2021 - 13:53