Човек без образ е ништо. Негативна нула. Празно множество. Затоа се наводно и образуваме, за да стекнеме образ и да го чуваме од неговите Сцили и Харибди: вообразеноста и безобразлукот. Образот игра важна улога и во Библијата. Сигурно се среќава и во други ес-еф романи кои се бават со окултизам и конспирации. Денес ќе се испообразуваме со троа дивеч. Дивечот е шумска варијанта од нашата удомакинета стока. Најчесто страда по магистрали. Разбиена предница од кола и дивеч, стара двојка. У исто време ти е криво за колата, ама длабоко во себе се радуваш поради фактот дека се наговестува опасна ‚кафана‘ у најава.
Овој пат спремам елен. Попрецизно, образи од елен. Еленот е машка варијанта од Елена. Кога е во пар, најчесто е име на кафана. Исто така, Србите имаат обид за пиво со тоа име. Еленот е грациозен шумски манекен, рогат лепотан. Неговите рогови се ловџискиот златен медал.
Пред да почнеме да напоменам две напомени:
1) Овој рецепт е погоден за секаков тип на дивеч.
2) Бонус трик: оставете го месото да преноќи во 750 мл. црвено вино.
Ајмо питоми, чекор по чекор: Стартуваме со 750 грама еленски образи. Сецкани на коцки. Месото го пропржуваме на добро загреано масло. 7-8 минути, да потемни од сите страни. Потоа во тавата го додаваме ситно сецканиот зеленчук, во состав: -кромид -морков -лук -перца -жалфија -спешл гест стар: шалган или зимско јаболко. Скороевичите го викаат еврејска артичока, боже ме сачувај. Посолуваме, машки.
Го шокираме мастрафот со 750 милилитри црвено вино и ресто вода додека не ја облие смесата. Го намалуваме оганот на третина од неговиот максимум и оставаме на медитира барем 3 часа. На секој половина час промешајте, за зар. После 3 часа, ја проверуваме густината. Вие одлучувате дали сакате погуста или потечна текстура.
Овде додаваме 3-4 лажици сенф. И вршиме магдоносизација со многу магдонос. Јас го уживав без гарнир, но пире би било одлична комбинација со месото.
Вака спреманиот дивеч припитомува. Вегани, пердонаменте.
Кирил Стоименов - ловџијата од Бушава Азбука