Безобразно путерест карфиол

Современата висока кујна често ни продава една стара, речиси заборавена вистина препакувана и дотерана во оделото на елеганцијата: најбогатиот вкус ретко се крие во благородните парчиња, туку во она што пребрзо го прогласуваме за излишно, да не речам, а ќе речам - ѓубре. Модерниот тренд на „нула отпад“ во суштина не е ништо повеќе од враќање кон занаетчиската мудрост на нашите баби, но со прецизност и префинет карактер својствени за кулинарските лаборатории.

Кога животот ќе ви даде една топка карфиол, вообичаениот рефлекс е да ги одвоите белите облачиња, додека стеблото и заштитните зелени листови завршуваат во чичко рисајкл бин. Но, токму во тие „запоставени“ делови лежи најголемата концентрација на растителни сокови, земјени ноти и природни шеќери. Со малку марифет, правилно контролирана топлина и мегаломански количини квалитетен путер, она што навидум е суровина за отпад се трансформира во кадифена подлога со изненадувачка комплексност.

Овој рецепт е вежба за почит кон намирницата во нејзината целост - доказ дека вистинскиот луксуз во не произлегува од скапите состојки, туку од вештината да го извлечете максимумот од она што веќе го имате пред себе.

Намирници:

  • 1 цела главица карфиол (заедно со кочанот и зелените листови)
  • 120g квалитетен путер
  • Морска сол и свежо мелен црн пипер
  • Крема за готвење
  • Картуш (хартија за готвење исечена во кружна форма со мал отвор во средината)

Подготовка

Чекор први: Сечење и селекција 

Внимателно одвојте ги естетски најубавите цутови од горниот дел на карфиолот и оставете ги за пржење. Централното стебло (кочанот) и помалите нерамни парчиња исечете ги на ситни коцки. Тие се основата за пирето. Зелените листови измијте ги, исушете ги и зачувајте ги за финалниот чекор.

Чекор други: Бавно задушување на стеблото

Во подлабоко тенџере растопете 50g путер на умерена температура. Додадете ги исечканите парчиња од стеблото, малку морска сол и неколку лажици вода. Покријте ги со кружната хартија (cartouche) притисната директно врз зеленчукот. Имате петстотини видеа на јутјуб како да искроите едно вакво хартиено капаче, нема поента да објаснувам. Ова овозможува рамномерно задушување во сопствената пареа без да се изгубат аромите.

Чекор треќи: Кремирање

Кога стеблото ќе омекне целосно, додадете крема за готвење и со рачен блендер изблендирајте интензивно додека да добиете потполно мазна, кремаста текстура со свиленкаст сјај. Зачинете со црн пипер и прилагодете ја солта.

Чекор 4: Карамелизација

Во широка тава со дебело дно растопете го преостанатиот путер. Наредете ги големите цутови карфиол и печете ги на умерена температура додека не добијат подлабока, златно-кафеава боја и крцкава површина. Путерот за тоа време ќе добие јаткаст мирис кој совршено се поврзува со карфиолот.

Чекор презадњи: Брзо сотирање на листовите

Извадете ги цутовите на страна, а во истата тава, во преостанатиот ароматизиран путер, кратко пропржете ги зелените листови. Треба само благо да омекнат, а притоа да ја задржат својата свежа боја и текстура.

Чекор задњи: Сервирање
На дното од чинијата нанесете богата подлога од топлото пире од стебло. Одозгора аранжирајте ги карамелизираните цутови и додадете ги сотираните листови за контраст во текстурата и бојата.

На крајот на денот, слободно потапшајте се по рамо - штокутуку го спасивте универзумот од еколошка катастрофа со тоа што го изедовте „вишокот“ од сопствената даска за сечење. Послужете го ова „ремек-дело“ со смртно сериозна фаца и гледајте ги гостите како паѓаат во транс од аромата на кочанот и листовите што до пред малку ја делеа судбината на лушпи од компири, од кои такуѓере се прави одличен чипс ако ги добро зачинете и испечете во рерна.

На здравје!

Кирил Стоименов - алфа путерист

15 август 2026 - 17:17