Бакалар и кремасто орзо

За оние кои сметаат дека готвењето е повеќе од рутина – дека е тоа еден вид алхемија на секојдневието, можност да се претвори хаосот на состојките во хармонија на вкусови – овој рецепт претставува еден мини манифест. Бакалар со кремасто орзо е интроспекција која се јаде, разговор помеѓу суровото и нежноста, помеѓу морето и копното, помеѓу очекуваното и изненадувачкото – овој рецепт е своевидна гастрономска рефлексија на нашите комплексно едноставни животи.

Во свет каде што сѐ е инстант и површно, сè е „од нога“ и „на брзинка“, да се зготви нешто од овој калибар е речиси чин на тивок бунт, еден елегантен среден прст кон брзата храна и дигиталната дистракција. Тоа е како да грувате винил во ера на стримингот, или да читате книга од целулоза во свет на екрани – чин на намерно успорување, на лефтерно кревање рачна, на враќање кон суштината. 

Пред да се нурнеме во алхемијата, еве ја денешната листа на состојки, нашиот мал арсенал за ова кулинарско патешествие:
- Путер (за почеток на оваа масна одисеја)
- Филети од свеж бакалар (нашиот главен протагонист, на југословенски - младич)
- Орзо (џендер-флуидна паста, шо се се облака како да е ориз)
- Кромид (засекогаш)
- Лук (анти-ѓаол систем)
- Пилешки бујон (течно злато)
- Замрзнат спанаќ и грашок (зелениот бунт во ерата на ‚белото‘)
- Крема за готвење (нефорсиран оргазам)
- Лимон (за финалниот циничен пресврт на играта)
- Свеж магдонос (колку за два џоинта)
- Сол и црн пипер (за оние основни животни потреби).

Сега, да започнеме со претворање на овие скромни состојки во магија. 

Во тенџере на средна топлина, дозволете му на путерот да се растопи. Додадете го ситно сечканиот кромид и лук, и динстајте ги додека не станат проѕирни и миризливи – тоа е првиот бакнеж на аромите, само најава за она што доаѓа. 

На ред е орзото. Додајте го во тенџерето и промешајте го неколку минути, додека не стане малку проѕирно на рабовите. Овој чекор е важен, како прво рандеву – треба да се запознаат вкусовите. Потоа следи топлиот пилешки бујон, лажица по лажица, мешајќи постојано и чекајќи течноста да се впие пред да додадете следна. Ова е бавен танц на трпението и искушенијата. Течниот момент го финишираме со 150мл крема за готвење. 

Кога орзото ќе ја достигне посакуваната кремаста конзистентност, додајте го спанаќот, грашокот и магдоносот и промешајте додека не омекнат и ја рашират својата зелена живост низ белината. 

Нежно поставете ги парчињата бакалар врз кремастото орзо. Претходно зачинете ги со сол и бибер. Врз нив изрендајте кора од цел лимон. Намалете ја ринглата на тивко, покријте и оставете 5 минути за вкусовите да се спојат. Ова е сосема доволно време за рибата да се приготви на пареа.  

За крај, сервирајте го јадењето и исцедете свеж сок од лимон врз него.  Ете го. Бакалар со кремасто орзо. Едноставен но колоритен рецепт пред кој белите вина облекуваат панцир.  

Кирил Стоименов - Повратник на старите стази

16 мај 2025 - 12:30