Вегани, вегетирате ли? Еве нè пак со уште обезмесната, да не речам, обезживотинскопотекнувателна (ужасна придавка) авантура. Денес припремаме зеленчуков стир-фрај - азијатска техника на пржење намирници во супер загреано масло во вок тава, со повремено салто назад маневар што ќе биде прикажан во краток видео инсерт подолу.
Ваквиот начин на подготовка резултира со лакован сјај на намирниците што се пржат, притоа не убивајќи им ја суштината. Зеленчукот останува крцкаво-сочен со дополнително нагласени ноти, за разлика од кога го конзумираме сиров. Техниката датира уште пред официјалните дати да бидат официјално архивирани. Станува збор за древна мајсторија од далечниот Исток - азиската Малешевија.
Без Гилгамешки воведи, се префрламе на Wok-ација:
Зелени чукови: тиквици, моркови, црвени пиперки, микс од печурки - јас користам кафеав шампињон и шитаке, вие како сакате. Слободно додајте и малку млад кромид и брокули, нема никаков проблем. Јас идам минималистички овој пат.
Зеленчукот го спаструваме на тенки ленти. Големина: малку помали од просечна цигара. Загревање на тавата: потребна ни е тава од расата - вок. Братство-Охрид имаат изузетни тави од ваков калибар. Пазарувајте со сонценце (конзумеристички маркетинг трауми од детството).
Тавата ја загреваме едно 10-тина минути на многу јак оган. Потоа додаваме зејтин, прелевајќи ја целата површина. Откако зејтинот ќе почне да чади, ги убацуваме печурките. Со вок-премет наназад ги обрќаме едно минута до две.
Потоа следува зеленчукот. Ја користиме истата стратегија и пржиме едно 3-5 минути, во зависност од количината. Минута пред крај додаваме 3-4 супени лажици соја сос и малку благ чили сос. Следуваат последните неколку премети. И да, тоа е тоа. Тавата е готова и е спремна да се круниса со микс од црн и бел сусам. Сол не додадов затоа што соја сосот е богат со содиум. Од зачини препорачувам лук во прав или буковец. Опционално.
Вистинските сенсеи ќе го уживаат овој брз деликатес со стапчиња. Ние родените со две леви раце сме осудени на виљушка. Длабок наклон!
Кирил Стоименов - виљушкар