Леле, неархаичен синоним за аздиса е ВОЗГОРДЕЕ!!! Солиден сашогиговгишизам. Аздисува и безердисува ми се омилени бабизми од детството.
За да нештото аздисува, истото тоа нешто треба да има многу. Да има многу од аспект на благосостојба, не да има многу дугови.
Нашето денешно ‚нешто‘ се модрите патлиџани. Патлиџани шо веќе изеле ќутек. Аздисувале у некоја бразда, и ги помодриле. Па сеа за да не се безердисуваат, ќе ги наполниме со тврдокорно-еротска крема. За утеха.
BDSMодри патлиџани со зелен кремаст лубрикант, веднаш после двете точки:
Околу кило модри. Ги издупчуваме со нож насекаде, пошто во спротивно се потенцијална бомба. Ги мачкаме со маслиново и у рерна на 200 едно 35-45 минути. Треба сагламски да омекнат.
Додека они омекнуваат: у ѓезве обаруваме 100-тина грама ф’стак. Немојте па со коментари од типот ЗНАЕШ ЛИ КОЛКУ ПАРИ СЕ, давате сто и кусур денари за родео меко. АЗДИСАНИ!!! Ги провриваме 5 минути. Целта е да станат скроз меки. Како гумени бонбони.
Сетне: во блендер додаваме 200 грама рикота (да, може и павлака, ама не е тоа - тоа), врз неа ф’стаците, бааги сол и сок од пола лимон. Масакрираме. По потреба додаваме вода, за да ја разреди смесата, ни треба малку потечна текстура од онаа на рикотата. Ф'стаците ќе дадат светло зелена нијанса во оваа кремаста приказна. Тоа е тоа.
Тава. Вруќа. Масло. Запржуваме едно чили пиперче, или било која друга лута црвена пиперка. На тенко исецкана. Во тавата додаваме презла. Печеме 3-4 минути и на крај поентираме со ливчиња мента сецкани на ленти и кора од еден лимон. Крцкава фантазија.
Сервираме како Агаси на времето:
Модрите ги расекуваме на пола. Внатре сол и бибер и додаваме од кремата, а врз неа од потпечената презла. Диверзитетот од вкусови и ароми ќе ве натера на момент да заборавите на кредитите, пукнатите аркади на шефот, бившите, слабите оцени на децата, цената на гасот и тако даЛје, шо би рекол Жижек коа зборува српско-хрватски.
Совет: се јаде со затворени очи.
Кирил Стоименoв -Grassдисан