Да сум кокошка, последна желба у тестамент би ми била да завршам у некоја чорбаџиска цена од македонските народни приказни, каде г-дин г-дин Ѓорги Колозов ме тамани до последен атом. Веган би пуштил лига на тие легендарни кадри. Чуден е животот кокошји: стапката на убиство како врста им е 100%. ДНК-то катастрофа. Да не си им у кожа. Али вкусни, сочни, особено селските - конзервативките (не по пакување, туку по политичко убедување), оние нео-либералките шо ги има по супермаркети се ’ич пари‘.
Јас пазарив баш таква, чистокрвно селска. Минувајќи низ едно холандско село, на извесна куќа имаше поставено табла со натпис: продавам кокошки и аспарагус. Аспарагусот мајсторе да си го чуваш, си велам, него дај да опулам тоа пилетината. Кога, има шо да видам: кокошка со окер кожа која ја красат румено-виолетови линии, растена стриктно на мумуруска, органик, био, фан на Дио. Значи скроз одлична - ученик на генерација. Продадено.
Ја носам дома и ја легнувам на работна маса. Јас ја гледам - она ме гледа. Напето како у вестерн двобој. Си велам, добро си поминала у животот, мора да ја испратам достоинствено. Периодов се бев зачитал еден лисабонски песимиста и боемиште што на неколку наврати низ книгата спомнува пилешко во пири-пири сос. Бинго! Спремам португалски банкет. Пири-пири сосот е всушност афрички, но португалците го брендирале први, во стилот на Словенците со ајварот. Никогаш доста од пиперски сапуници. Именуван е по истоимената сорта на пиперчиња.
Станува збор за богат и возбудлив сос со комплексен и повеќеслоен вкус, фузија од свежи плодови и сушени билки. Со пилешко е ФИНАЛЕ!!!
Одиме: Кокошката ја претвораме во безрбетник. Со остар нож влечеме пресек лево и десно до рбетот долж целата кокошка. Отстрането парче не го фрламе затоа што во комбинација со зеленчук провриен во врела вода се добива спектакуларен пилешко-зеленчуков бујон, прекрасна подлога за супа-трезнијана.
Ја ротираме кокошката за 180. Грбно. Помеѓу градите притискаме со двете дланки и целата наша тежина за да испукаат р‘скавиците и да се отвори целото парче. Практично ја ’разжабуваме‘. Ја постиламе во сад за печење, зачинуваме со сол и бибер од двете страни и пристапуваме кон сосот.
Во блендер: 4 испечени, излупени и обессемкени ајварски црвени пиперки. Лути пиперки по избор (чили, баџанак, везеница), еден кромид, 2-3 чешниња лук, кора од цел лимон, џус од пола лимон, црвен пипер, оригано, ловоров лист и лажица бел вински оцет. Ух, километарски.
Блендираме. Добиениот сос го истураме и премачкуваме низ површината на целата кокошка. Сетне во рерна на 220, 20 минути по страна. Резултат: сочно-печена кокошка со боја на огнови. Кожата ќе ѝ биде крцкава и ќе експлодира од вкусови.
Успат идеја за салата: марула, цикорија, капери, цели ливчиња магдонос, кромид на прстени. Маслиново + вински оцет. За билдерите и милионерите, може и авокадо. Сол и бибер обавезно.
Изберете го вашето омилено парче од пилешкото, на располагање имате пилешки гради, батаци, копан, крилце. Пун пансион. Од страна салатица и удри, економски лидеру во регионот!
Кирил Стоименов - пиреј-пиреј