Европски писатели во ЕУ инфо центарот

Читања и разговори со писателите Ѓерѓ Конрад од Унгарија, Ирен Ниг од Лихтенштајн, Родан ал Галиди од Холандија, Мелина Камериќ од Босна и Херцеговина, Душан Чатер од Словенија; панел дискусии за преводите на Хомер и другите старогрчки и римски драмски дела, француските симболисти; најава на конкурсот за најдобар млад преведувач – Вавилон; литературни читања за деца, како и промоција на 165-те книги преведени во рамките на Програмата Култура на ЕУ ќе бидат дел од Саемот на книги и Европскиот ден на јазиците во ЕУ инфо центарот

Саемот ќе се одржи од 23 до 29 септември 2013 во организација на Делегацијата на Европската Унија и Министерството за култура и во соработка со Холандската амбасада и издавачките куќи – грантисти на Програмата Култура 2007-2013 на ЕУ.

Во текот на неделата, љубителите на пишаниот збор – од сите возрасти ќе можат да ги посетат штандовите со книги, да ги следат дебатите,  литературните читања и промоциите на делата.    

Саемот ќе започне со литературно читање и дискусија со авторката на книгата “Чевли за доделување Оскар”, Мелина Камериќ од Босна и Херцеговина, во издание на издавачката куќа Блесок (23 септември).  

Унгарскиот писател и есеист, познат и како адвокатот на индивидуалната слобода, Ѓерѓ Конрад ќе гостува на 24 септември. Издавачката куќа Блесок е издавач на делото "Заминување и враќање".

Публиката ќе може да ги слушне и излагањата на двајцата добитници на Наградата за литература на ЕУ, Ирен Ниг (25 септември) и Родаан ал Галиди (27 септември). Издавачката куќа Вермилион ќе ги претстави делата за деца и младинци, издадени во рамките на Програмата Култура. Писателката од Лихтенштајн, Ирен Ниг и делото “Зборообразувајќи ги местата” и дебата за новите трендови во детската литература, со гостување на професорката Весна Чепишевска, се активности со кои ќе се претстави Вермилиоин.

Холандската амбасада и издавачката куќа Икона се организатори на гостувањето на Родан ал Галиди, автор на делото „Аутистот и гулабот писмоносец”.

На 28 септември, издавачката куќа Темплум ќе организира литературно читање и дискусија со писателот Душан Чатер од Словенија ("Џенем”) и Дејан Илиќ од Србија (издавач на книгата "Падот на Колумбија” од Саша Илиќ во Србија).

Покрај промоцијата на преводите на делата издадени од Профундум, на саемот ќе се дебатира и за преводите на грчките и римските драмски дела.

Европскиот ден на јазиците, 26 септември, ќе биде одбележан со интерактивна дебата за студентите по филологија и сите заинтересирани, на која ќе искусни преведувачи и професори ќе ги споделат искуствата и советите за идните преведувачи. Ќе биде најавен и конкурсот за најдобар млад преведувач ‘ВАВИЛОН‘ кој ќе се објави до крајот на годината.

Саемот на книгата - Програма Култура на ЕУ ќе го отворат Амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на ЕУ и министерот за култура  г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска.

Активностите се дел од серијата настани „Културни приказни” на ЕУ инфо центарот, кои имаат за цел да ја промовираат европската култура, како и придонесот на националната култура во европската.

 

(комерцијален текст)

 

19 септември 2013 - 09:52