Навивачи

Најјаките ултраси за 2023-та

Земјата е Чешка, клубот е ФК Свата, а тие во публика се навивачи број 1 на годината во светски рамки. Точка. Ги имаат сите предиспозиции, знаме, пароли, пиротехника, тапан и што е најважно страст за навивање, како и се разбира трибина каква што нема никој друг на планетава.

Документарец за легендарниот водач на Аталанта Бергамо

Клаудио „Боча“ Галимберти е еден од оние останати јунаци на италијанската навивачка сцена кој проживеал сè и сешто по трибините и надвор од нив. Боча е прав ултрас кој поради разни полициски реперкусии долги години не може да дојде во живо да си ја гледа саканата Аталанта. Тој е најзаслужен што Curva Nord, навивачката трибина на стадионот во Бергамо е една од најубавите но и најжестоки во Европа.

Kо титула се слави опстанок во прва лига во Бразил

Заврши сезоната во најдобрата бразилска фудбалска лига Серија А. Со синоќешните натпревари од 38. коло Палмеирас стана шампион (сезонава освои и Копа Либертадорес против Бока во финале). Втор со два бода помлку (68) заврши Гремио. Од лигата испаѓа славниот Сантос кој за првпат во 111 години историја оди во понизок ранг. А се спаси Васко да Гама со победа во последно коло. Навивачите славеа како да освоиле титула.

Сè ќе види човек по англиските стадиони

Во втората англиска лига - Чемпионшип, Саутемптон го победи Кардиф со 2-0 и ја продолжи трката кон самиот врв за пласман во богатата Премиер лига. На овој меч имало и навивачки дофрлања, како и секаде низ Островот.

Сте виделе до сега навивач да гаѓа со мајонез?

Закачката е меѓу навивачите на Легија Варшава и Астон Вила, а пациентот кај се обидува да погоди некој Англичанец со мајонез, па уште и паѓа. Штета што е кусо видеово, можеби и со чечкалица има обид.

Бирмингем уште од Пики Блајндерс не видел такви битанги

Во претпоследното коло од Лига Конференции, Легија Варшава гостуваше кај Астон Вила. Неколку стотици полски навивачи дошле од Варшава на гости во Бирмингем а после големи нереди надвор од стадионот каде се судриле со полицијата, не биле пуштени да влезат на трибините. Навивачите на Легија се озлогласени како едни од најголемите хулигани во Европа и каде и да одат се голем безбедносен ризик.

Снежни игри на навивачите на Абердин со голманот на Хелсинки

Бојан Миовски влезе во 86-та минута во претпоследното коло од Конференциската лига во групата Г, каде ПАОК и Ајнтрахт Франкфурт од претходно се сигурни патници во нокаут фазата. Абердин на гостувањето во Хелсинки одигра 2:2, а во еден момент мечот беше во прекин. Шкотските навивачи си правеа забава со снегот и го гаѓаат домашниот голман.

Пет моќни кореографии на навивачите на Легија Варшава за само едно полувреме

Секогаш моќни, секогаш гласни, посебно против УЕФА и секогаш инвентивни. Погледнете ги навивачите на најтрофејниот полски клуб, што успеаа да спружат на трибина само во првите 45 минути на мечот против Варта Познањ. Импресивно. Ова не го прави секој.

Лош пречек за навивачите на Њукасл во Париз

Петтото коло во групата на смртта Ф во ЛШ, може вечерва да ги разреши дилемите околу патниците во нокаут фаза. Њукасл со пораз од ПСЖ ќе се прости од осминафинале. Предиграта на мечот ја почнаа француските навивачи кои ги посетија Англичаните во еден бар со флаши, чаши, столици, бакљи и што им се најде во рака.

Комити донираа пари за член на Чкембари кој остана без својот дом

И покрај големото ривалство со децении, Комити ги тргнаа фудбалот и навивањето на страна и направија убав човечки гест за пример.

Што ли ќе биде на Европско 2024?

Минатата сабота пријателски меч играа Германија и Турција. Победија Турците 2-3. Се играше во Берлин пред околу 60.000 гледачи. Слободно може да се каже 60.000 турски навивачи. Како ли ќе биде на Еуро2024 во Германија следното лето?

Македонецот кој го направи гестот за паметење на Олимпико

Идејата за која на големо се зборуваше во италијанскиот печат е на Горан Атанасов, кој живее во Италија и кој ја бодрел Македонија и претходно во Палермо. Вели дека македонското знаме на малиот Сантијаго ќе му остане како сувенир од натпреварот, само можеби нема да му се допаднат боите, бидејќи на косата му бил нацртан амблемот на Лацио, а македонско знаме има исти бои како Рома.

Фото на денот

Тромзо по нашки или Трумзе по скандинавски е фудбалски клуб од Норвешка кој игра во тамошната прва лига Елитесериен. Најсеверниот фудбалски клуб на светот. Играат на стадионот „Алфхеим“ (Ромса Арена по ново) кој има капацитет од 6.687 седечки места и кој на зима изгледа како права зимска бајка. Вака е после најновиот снег:

Англичаните уште зборуваат за пивото во Скопје

Прво напишаа дека дошле во фантастичен град каде за 59 фунти добиле 84 пива. Веројатно набавката им е од супермаркет, бидејќи математиката е 50 денари едно. А сега покажаа и како биле пречекани на полувреме во подтрибинскиот простор и дека ова го немало на стадионите во Англија. Наточено и спремно за пиење, како на коктел.

Силеџиство на Маракана, бразилската полиција со пендраци во глава ги тепаше Аргентинците

Аргентина испиша историја и стана првиот тим кој успеал да го победи Бразил на гости во квалификации. Резултатот отиде во втор план. На трибини хаотично и опасно по живот.

Англиски плен во рацете на Комити

И покрај тоа што беа голема бројка од 2.300 навивачи, Англичаните потклекнаа и не внимаваа доволно на својата навивачка опрема. Ќе си одат дома со едно знаме помалку. Екипата од третолигашот Шрусбери, падна на навивачкиот испит.

Прекрасна атмосфера со Англичаните во скопски локал

Сите безбедносни служби синоќа беа на нозе. Кејот беше затворен за македонски минувачи каде се веселеа гостинските навивачи. На одење на стадион четворица ликови во цивилка ни ја проверуваа колата, а кога си заминувавме од новинарската ложа, во лифт се возевме со Тигри, кои носеа опрема како за во војна. Неверојатна сцена, која прв пат ја гледаме на Градски. Чуму? Папата ли беше дојден? Македонија - Англија беше само фудбалски натпревар и ништо повеќе од тоа, а Англичаните кои дојдоа во бројка од 2.300 само се забавуваа. Инциденти нула. Погледнете ја атмосферава.

Англиските навивачи шокирани од цените во Скопје

Англиските навивачи буквално живеат за гостински натпревари. Одат насекаде каде што игра нивната репрезентација, а во Скопје биле најимпресионирани од цените на пиво. Повеќе од 3.000 Англичани дојдоа за мечот Македонија - Англија, а неколку од нив објавуваа колку пиво за колку пари се налокале во центарот на Скопје.

Англиски навивачи: „Уживаме во храната и евтиното пиво“

Од безбедносни причини МВР го затвори кејот покрај реката Вардар за македонските минувачи, во делот каде што се кафулињата во ГТЦ каде нагрнаа Англичаните. Задоволни се од храната, евтиното пиво, луѓето, а двајца навивачи во анкетата на Канал 5 типуваат на Македонија.

Македонските навивачи на Олимпико низ објективот на Италијанците

Скопје, Битола, Велес, Струмица, Јосифово, Франкфурт, Тревизо и од каде уште не патуваат нашите навивачи за да ја бодрат македонската репрезентација. Во добра бројка беа и во Рим, расположени и сплотени и пред и за време на натпревар. Италијанците објавија видео од трибина.

Убави гестови на македонски навивач во Италија

Неколку стотини македонски навивачи ја бодреа репрезентацијата на мечот со Италија во Рим. И по крајот од средбата, како во старите добри времиња, наместо штампани шалови со имињата на репрезентациите од продавачи пред стадионот, македонски навивач си подели шал и знаме со италијански деца. За спомен од натпреварот. Права навивачка романтика која е веќе реткост.

Ечи македонска песна во Рим

Каде и да одат, македонските навивачи го креваат адреналинот. Тука е царот со тапанот кој го дупна на Европското во Букурешт, секогаш верниот Наце Митев, како и ред други верни поддржувачи на македонската репрезентација. Фантастичната атмосфера ви ја пренесуваме директно од Рим.

Во Грција запален дом и локал на фудбалски судија

Непознати сторители доцна во ноќта истуриле канистри со бензин во локал чиј сопственик е грчкиот суперлигашки судија Андреас Гамарис.

Навивачите на Реал Сосиедад со сценски настап за Палестина

Навивачите на Селтик со години беа најгласни поддржувачи на палестинскиот народ меѓу навивачите. Неодамна управата на шкотскиот клуб решила да и забрани влез на групата Green Brigade поради политички пароли од трибината каде што стојат. Во меѓувреме други навивачки групи застанаа во поддршка на Палестина, а најгласни се оние од Реал Сосиедад, шпанскиот прволигаш кој игра и во Лига на шампиони.