- Бен Робертс-Смит, најодликуваниот австралиски офицер и ветеран од шест мисии во Авганистан, е уапсен во Сиднеј поради обвиненија за воени злосторства.
- Поранешниот специјалец од САС е обвинет по пет точки во врска со убиството на невооружени лица во Авганистан помеѓу 2009 и 2012 година. Максималната казна за секое обвинение е доживотен затвор.
- „Жртвите биле убиени кога биле приведени, невооружени и под контрола на австралиските сили за безбедност. Тие биле застрелани од обвинетиот или од војници кои дејствувале по негови наредби и во негово присуство“, изјави Криси Барет, комесарка на Австралиската федерална полиција.
- Извештај од 2020 година пронајде веродостојни докази дека членовите на австралискиот Специјален полк за воздухопловна служба (САС) убиле десетици невооружени затвореници во Авганистан. Беше формирана специјална комисија, која отвори 53 истраги за воени злосторства од страна на австралиски војници во Авганистан.
- Грција од идната година ќе блокира пристап до социјалните медиуми за деца и тинејџери помлади од 15 години, објави премиерот Киријакос Мицотакис. Предлог-законот ќе биде поднесен до Парламентот во текот на летото, за да може да стапи на сила на 1 јануари 2027 година.
- „Сигурен сум дека многумина од помладите ќе ми се лутат. Да бев на ваша возраст, можеби ќе се чувствував исто. Но, зависноста предизвикана од дизајнот на некои апликации, моделот на правење профит од вашето внимание, од тоа колку време поминувате пред екранот на мобилниот телефон и одземањето дел од вашата невиност и слобода, мора во некој момент да заврши“, порача Мицотакис преку видео на ТикТок.
- Конзервативната влада на Мицотакис веќе забрани употреба на мобилни телефони во основните и средните училишта и долго време најавуваше ограничувања на социјалните медиуми.
- „Грција ќе биде меѓу првите земји што ќе преземат таква иницијатива. Но, сигурен сум дека нема да биде последна. Имаме намера да извршиме притисок врз Европската Унија во таа насока, додаде Мицотакис.
- Британија, Франција, Португалија и Шпанија, планираат слични ограничувања на младите за пристап до социјалните медиуми. Австралија беше првата земја што им забрани на лицата под 16 години да користат платформи на социјалните медиуми.