- Претстојниов викенд почнува новата сезона во македонската ракометна Суперлига која се очекува да биде најнеизвесна досега во историјата. Четири екипи рамноправно конкурираат за врвот, се засилија со врвни имиња како во играчкиот кадар, така и во стручен штаб.
- Вардар 1961 на почеток во 1. коло го пречекува засилениот ГРК Охрид. Натпреварот е закажан за 20. септември (сабота) од 18:00 часот. Поради технички причини ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ а свое присуство најавиле и навивачи на Охрид.
- Картите изнесуваат 150 денари а онлајн ќе се продаваат од утре (четврток) од 12 часот.
- По повеќе од две децении ширум континентот, легендарниот португалски стручњак Жозе Мурињо најверојано се враќа дома. Бенфика по срамниот историски пораз од азербејџански Карабах 2-3 на домашен терен доцна синоќа го отпуштила тренерот Бруно Лаж.
- Навивачите на „орлите“ го исвиркаа тренерот и со традиционалните бели марамчиња (кога во Шпанија и Португалија се појавуваат бели марамчиња тренерот нема назад) побараа оставка.
- Жозе Мурињо е на пат да потпише договор и да стане нов тренер на Бенфика откако го отпуштија од Фенербахче. Тој се прослави на клупата на вечниот ривал Порто со кој стана европски шампион во 2004-та година.
- Поранешниот фудбалер и капитен на Црвена звезда Дејан Миловановиќ починал вечерва откако му се слошило за време на натпревар меѓу ветераните на ФК Звездара и ФК ПКБ. Во 32' минута од натпреварот Миловановиќ кој во 7' минута постигнал гол, тргнал да изведе еден корнер но наеднаш се срушил на тревникот.
- Доживеал последователни срцеви удари, медицински лица околу еден час се обиделе да го реанимираат но тој починал.
- Дејан Миловановиќ одигра 321 натпревари за Звезда и постигна 40 голови. Беше познат по неговиот разорен шут. На времето неговиот татко Ѓорѓе Миловановиќ исто починал од срцев удар на фудбалски терен на 51 година. Ѓорѓе бил играч на Црвена звезда и имал силен шут поради што го имал прекарот „Ѓока бомба“.
- Популарниот Деки беше миленик на навивачите на црвено-белите а се памети неговиот еврогол против Кјево во Верона во рамки на европски натпревар. Играше уште и за Ленс, Паниониос и Вождовац.