Во Велика Британија е регистриран значителен скок на т.н. „геронтолошки татковци“ - мажи кои стануваат родители по својата шеесетта година. Според податоците на нивниот Национален завод за статистика, во текот на минатата година биле родени 1.076 деца со татковци постари од 60 години, што е скок од 14,2% во однос на претходната година. Ова е најголем раст меѓу сите старосни групи и полови на родители.
Трендот го водат славни примери: Мик Џегер стана татко по осми пат на 73 години, Роберт де Ниро на 79, Ал Пачино на 83, а Род Стјуарт на 66. Со тоа и јавната перцепција за тоа што е „стар родител“ е сè пофлексибилна.
Извесен Винсент Штрауб, кој истражува машко здравје на Оксфорд, вели дека медиумската експонираност на овие славни татковци игра голема улога во нормализирањето на трендот.
„Терминот geriatric dads станува популарен - како некаков нов статусен симбол, нешто како кабриолет при средовечна криза,“ вели тој.
Сепак, поголемиот дел од татковците во статистиката се мажи на возраст меѓу 60 и 64 години - не баш Џегери и Пачиновци. Но, трендот е симптоматичен за пошироки општествени промени: луѓето живеат подолго, има повеќе прифаќање на повторни бракови и врски со поголеми генерациски разлики.
Додека некои политичари го поздравуваат овој феномен како можен одговор на намалениот наталитет, научниците предупредуваат. Постарите татковци се поврзуваат со зголемен ризик од аутизам и други здравствени проблеми кај децата.
„Многу мажи погрешно веруваат дека нивната плодност е бесконечна,“ вели Штрауб. „А реалноста е дека возраста влијае - и на квалитетот на спермата, и на исходите при бременоста.“
Во 2024 во Англија и Велс биле родени вкупно 594.677 деца - мал пораст од 0.6% во однос на претходната година, која беше најниска во последните 46 години. Во овој контекст, секое ново раѓање им е добредојдено. Но, прашањето е: дали ова е одраз на нова фаза на машката еманципација, или е само благо неодговорно од страна на мажите, кои за разлика од жените што внимаваат на годините, просто не се научени дека треба?
Или, ако може Роберт Де Ниро, што па не и ти?