Во видео објавено на каналот Вокс авторот Колман Лоундс истражува дали специфичното држење на раката на Наполеон била резултат на деформитет, болка во стомакот поради рак (кој подоцна бил причина за неговата смрт), или просто гест кој тој одлучил да биде специфичен за него.
Криењето на раката во палтото било клише при сликањето на портрети многу пред Наполеон да биде насликан на овој начин на почетокот на 19 век, вели Лоундс, мислејќи на сликата на Жак-Луј Давид „Императорот Наполеон во неговата работна соба во дворецот Тилери“ (слика долу). Тоа и го докажува со „скриенорачни“ портрети на Џорџ Вашингтон, Моцарт и Франциско Пизаро. Ним им ги додаваме и оние на Маркс, Сталин, а на фотографија во истата поза е фатен дури и Барак Обама.
Древниот оратор Есхин сметал дека ограничувањето на движењето на една рака било соодветниот начин на однесување при јавен говор. Според британски прирачник за добро однесување на џентлмените од 18 век, држењето на раката во палтото било знак на машка решителност, но и добро воспитување.
Сепак, фактот што денес токму Наполеон се поврзува со оваа поза можеби повеќе се должи на карикатуристите и пародичарите кои го прикажувале на овој начин, меѓу кои и Чарли Чаплин.