Сè почна кога конзервативниот писател Стив Сајлер, а потоа и мистериозниот блогер Deogolwulf, забележаа нешто многу чудно во врска со неколку пасуси во статијата на Жижек од 2006, објавена во престижното академско списание Critical Inquiry. Необичното било што овие пасуси се едноставно преразбирливи за автор кој често знае да забега во деконструкции и дигресии:
„Конечно се појави нешто јасно, иако не заради одмаглувањето на нечиј ум, туку заради доброто старо крадење. Причината зошто мачката лае, а кучето мјаука, или за оваа опскурна луцидност, е тоа што се работи за нечиј туѓ текст, имено на Стенли Хорнбек, од осврт кон книгата „Култура на критиката" на Кевин Мекдоналд, кој се појавил седум години претходно, во 1999, во списанието American Renaissance" - вели во неговиот пост споменатиот блогер.
За работата да биде посочна, списанието од кое наводно е краден текстот е расистичко (самото себе се нарекува „расно реалистична публикација", но реално е гнездо на проповедници на чистата бела раса и на антисемитизам). Книгата пак на која се однесува освртот на Хорнбек има поднаслов: Еволутивна анализа на еврејското учество во интелектуалните и политичките движења на 20. век. Единствената разлика помеѓу овој осврт и текстот на Жижек е во заклучокот - иако Жижек ја нарекува книгата „варварска", тој сепак користи цели пасуси кои ја сумираат, и тоа збор до збор.
Жижек сега се брани дека тие пасуси му биле испратени од пријател, кој му рекол дека може слободно да ги користи, а дека не бил свесен дека тие се веќе објавени од трет човек. Освен тоа, секој читател можел бргу да сфати дека проблематичните пасуси се чисто информативни:
Тоа е извештај за нечија теорија за која немам никаков афинитет, сè што правам по ова кратко резиме е бргу да ја отфрлам теоријата на Мекдоналд, како ново поглавје во долгиот процес на уништување на Разумот. Оттаму, никако не можам да бидам обвинет за ’крадење идеи’. Сепак длабоко жалам за инцидентот.
За да биде појасно, тука паралелната анализа на двата текста, а тука одговорот на Жижек. Препишал-не препишал, нам ни е уште симпатичен.