Жената зад најпопуларните грчки бисквити

Како што на нашите повозрасни генерации „бисквит“ им асоцира или на „петит беуре“ (така го читавме) или на Плазма, на голем број генерации Грци тоа веднаш им асоцира на Пападопулос. Но, приказната за успехот на ова семејство не започнала во фабрика, туку во скромна кујна во Цариград (Константинопол), а нејзиниот тек бил одреден од историските превирања и од судбоносна одлука на една жена.

Во 1916 година, Марија Пападопулу, позната во цариградските маала по своите домашни бисквити, почнала да експериментира со нов рецепт. Додавајќи сода, таа сакала да создаде поблаги, повоздушести и повкусни бисквити од тогаш популарните пти-бер. По бројни обиди успеала да го усоврши рецептот што подоцна ќе стане темел на една од најуспешните грчки прехранбени компании.

За да обезбеди подобра иднина за своето семејство, Марија решила да ги продава. Во тоа ѝ помагале трите сина – Евангелос, Никос и Теофилос – кои секојдневно ги продавале бисквитите развозувајќи се на точаци. Уште од првиот ден целата количина била распродадена, а наскоро почнале да пристигнуваат нарачки. Производството брзо се зголемило, од околу 50 килограми дневно на повеќе од 500, овозможувајќи му на семејството постепено да инвестира во подобра опрема и да ја прошири работата.

По прераната смрт на сопругот и во контекст на историските превирања од 1920-тите кога голем број Грци ја напуштаат Турција, Марија со своите три деца заминува од Цариград. Тргнале со брод кон Марсеј, но за време на застанувањето во атинското пристаниште се случил настан што ќе ја промени нивната иднина. Во едно кафуле таа нарачала кафе и бисквити, а келнерот зачудено одговорил дека не знае што се бисквити. Во тој момент таа донела храбра одлука: наместо да продолжат кон Франција, ќе останат во земјата и ќе ги запознаат Грците со нивниот производ.

Во мал стан во бегалска населба, семејството започнало нов живот. Марија купила мала печка, повторно ги набавила потребните состојки и почнала да ги произведува своите препознатливи petit beurre бисквити. Нејзините синови повторно ја презеле продажбата, нудејќи ги производите по улиците на Атина.

Одѕивот бил извонреден. Квадратните бисквити со препознатливите рабови брзо станале омилени меѓу потрошувачите и постепено го замениле традиционалниот двопек. Покрај уличната продажба, производите почнале да се нудат и во продавниците во Атина.

Во следните децении, под водство на Евангелос Пападопулос, компанијата се развила во еден од пионерите на модерното претприемништво во Грција. Била меѓу првите што систематски користеле рекламирање, а за да ја задоволат растечката побарувачка биле изградени фабрики во различни делови од земјата. Асортиманот постепено се проширил со нови производи. 

Во 1972 година Евангелос го осмислил и препознатливото лого на компанијата – буквата „П“, под која стои годината 1922, кога семејството ја започнало својата работа во Грција. Над буквата се прикажани четири фигури што се држат за раце, симболизирајќи ги неговите четири деца и желбата компанијата да остане семеен бизнис и во иднина.

5 јули 2026 - 09:31