Украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе објави збирка од своите воени говори, книга која според издавачот, Пингвин Рендом Хаус, е „повик кон светот, тој да го крене гласот и да се бори за слобода“.
Таа ќе вклучи 16 говори лично одбрани од Зеленски, кои ќе го истражат украинскиот пат од 2019. Целта е читателите да ги разберат Украинците, нивните аспирации, принципи и вредности. Книгата исто така ќе вклучи специјално напишан вовед, во кој Зеленски ќе се осврне на она што го научил за себе и за Украина од почетокот на конфликтот со Русија.
Сиот приход од книгата кој би му следел на авторот ќе биде дониран на фондот Јунајтед24, со кој раководи владата на Украина, а средствата се распределуваат по владините министерства. Според Зеленски, поддршката на Украина не е тренд, меме или вирален предизвик - оној кој вистински сака да ја поддржи нивната кауза треба да научи нешто повеќе за целиот контекст, а оваа книга наводно би помогнала во тоа. Во таа смисла, „Порака од Украина“ ќе содржи и текст од Аркадиј Островски, уредник на Економист за Русија и Источна Европа. Освен во Британија, каде ќе излезе на 24 ноември, книгата ќе се отпечати и во САД, Германија, Шпанија и Португалија.