Врие како во казан: реката што убива сè што ќе падне во неа

Звучи како народна легенда или како нешто излезено од роман на Жил Верн: река што врие, ама буквално. Еден млад истражувач прв пат слушнал за неа од дедо му од Перу. Станал геофизичар и одлучил да открие дали приказната е вистинска. 

„Зовриената река: авантура и откритие во Амазон“ е книга на Андрес Рузо, за патувањето на авторот длабоко во перуанската џунгла со една необична мисија - да открие дали приказната што ја слушал уште како мал за некаква река што врие е мит, метафора или вистина.

Ризо ова истражување го поврзал со својот докторат по геофизика, каде фокусот бил на правење детална мапа на топли извори во Перу за да се идентификуваат области со потенцијална геотермална енергија. Анализирајќи го регионот на Амазон се сетил на приказната на дедо му за Шанај-Тимпишка, позната и како „Бомба“, притока на Амазон која е наречена „единствена врела река на светот“.

Долга е 6.4 километри, а температурата ѝ варира од 45 до 100 степени. Името значи „зовриена од топлината на сонцето“. Локалните шамани веруваат дека врелата вода се раѓа од Јукамама, дух на огромна змија (нешто како нашата ламја) познат како „Мајка на водите“.

До реката се стигнува само со голема волја, но и со помош на локални водичи. Оддалечена е на еден час авионски лет од Лима до градот Пукалпа, најголемиот во централната перуанска Амазонија. Од тука има два часа возење со џип по земјени патишта до реката Пачитеа, притока на Амазон која е широка над 300 метри. Потоа се зема „пеке-пеке“ или мотиризирано кану (наречено така бидејќи моторчето испушта звук пекепекепеке), 30 минути до устието на Зовриената река. Тука двете реки се спојуваат и доколку се стави рака во студените води на Пачитеа, ќе се почувствува како таа полека се стоплува со мешањето со водите на Зовриената. Температурата од 27 степени полека се искачува на 94. Доколку не дај боже се падне во неа на местата каде што е најтопла човек може да настрада. Всушност точно тоа им се случува на мали цицачи, рептили и други животни кои постојано паѓаат во водата и се сварени живи.

Рузо имал неколку тези за потеклото на топлината, а една од нив го уплашила - дека станува збор за катастрофален одлив на нафта од блиското, најстаро нафтено поле во Амазонија, која можеби се спојува со геотермалниот систем и може да предизвика катастрофа. Сепак, на крај излегло дека Зовриената река е сосема природна: невулкански геотермален систем кој има необично висока активност.

На реката ѝ се закануваат голем број еколошки проблеми, како нелегалното сечење дрва, кое иронично го вршат токму локалните жители. Еден од шаманите има изјавено дека „најголемата закана по џунглата се домородни жители кои имаат заборавено што се“.

ТЕД говорот на Рузо на оваа тема тука

4 август 2021 - 09:04