
Некој можеби нема проблем да „здипли“ тестер-парфемче или скришум да отвори кутија со благца, да земе две и да ја врати на полица. Ваквите ситни кражби во голем број случаи се прават поради адреналин и возбуда, а не од реална потреба.
Но возбудата не е за потценување, особено во средини во кои генерално владее некаков ред. Во Јапонија смислиле начин како да се доживее вакво, макар симулирано искуство, без последиците од истото. 盗-TOH (со значење „крадење“) е совршен настан во оваа смисла.
Од 13-16 март студиото Акасака Блиц во Токио по втор пат ќе се трансформира во тензичен „крадачки“ маркет, во кој ќе има над 5000 предмети кои ќе им стојат на располагање на потенцијалните крадачи. Но има еден детал - мал звук и врева во моментот кога нешто се краде и веднаш се излегува од игра.
Идејата е на двајца радио водители и рапери чие шоу се вика „Мозочна кражба“. Минатата година тие собраа над 1000 учесници кои чекаа и до четири часа за шансата да го искусат необичниот концепт.
Правилата се едноставни: влегуваш во просториите, ги бираш предметите што сакаш да ги земеш дома и заминуваш без да направиш каков и да е звук. Локацијата е опремена со над 200 високо сензитивни микрофони кои ја фаќаат и најмалата врева. Ако те регистрираат, тогаш обидот за кражба веднаш завршува.
Секој учесник има само 60 секунди да ја заврши мисијата, што додава на тежина на задачата - ем да брзаш ем да не правиш врева.
А предметите за крадење и не се така лесни - душеци и перници, над 5000 книги, 10.000 ќесички грицки (кои веројатно шушкаат) и облека. Сепак, ќе има и „изненадувања“ скриени низ просторијата. Учесниците главно се одлучуваат за тимски пристап, бидејќи доколку еден член биде елиминиран, тогаш другите можат да ја завршат мисијата. Цената за учество е симболична, и изнесува 1000 јени по човек (за тимови има попуст), што е околу 6 евра.