Вистинската приказна зад „Затруен град“ - нова мини-серија на Нетфликс

Серијата обработува вистинска приказна од Англија, каде што индустриско загадување оставило сериозни последици врз здравјето на луѓето. Особено погодени биле новороденчињата, кај кои се појавиле различни вродени деформитети, што довело до долгогодишна правна битка и историска судска одлука.

Во последно време се изнагледавме серии за еколошки катастрофи од минатото, кои би поминале незабележано да не биле поединци кои алармирале и се избориле за каква-таква правда. Претходно пишувавме за полската „Оловните деца“, како и за бразилската „Радиоактивен инцидент“. Или нам алгоритамот сега ни исфрла слични, или постои некој тренд за вакви теми, кои покажувајќи го позитивниот ефект на иницијативата на поединци против корумпираниот систем, испраќаат поттикнувачка порака.

Приказната на „Затруен град“, мини-серија во четири епизоди достапна на Нетфликс, се одвива во англискиот град Корби, каде што жителите  цела деценија (од средината на 1980-тите до средината на 1990-тите) биле изложени на токсична прашина од лошо управуван процес на расчистување на некогашна челичарница. Со текот на времето, се забележало дека сè повеќе деца се раѓаат со сериозни физички аномалии, како недостиг на прсти или деформации на екстремитетите.

Клучен момент бил кога новинар во 1999 објавил истражување во кое укажал на поврзаност меѓу овие случаи и близината на токсичните депонии. Во извештаите било откриено дека и по „чистењето“ на теренот, нивото на опасни супстанции како арсен, цинк и никел било далеку над дозволеното. Ова предизвикало сомнеж дека загадувањето можеби е причина за зголемениот број случаи на деформитети кај новороденчињата.

Мајките, кои првично се чувствувале осамено во својата болка и се обвинувале себеси, почнале да сфаќаат дека нивните случаи не се изолирани. Со помош на посветен адвокат, тие се здружиле и покренале колективна тужба против локалните власти. Нивната борба била тешка и долготрајна, но биле водени од желбата да ја откријат вистината и да спречат вакви трагедии во иднина. Две од актерките во серијата - Џоди Витакер и Ајми Лу Вуд - заслужуваат награда за нивната изведба. 

Животот во Корби во тоа време бил обележан со постојано присуство на прашина што се ширела низ воздухот и влегувала во домовите. Луѓето опишувале дека сè било покриено со ситен слој прав, а воздухот бил толку загаден што предизвикувал здравствени проблеми, како астма и иритации. Дури и работниците што учествувале во „чистењето“ на локациите биле изложени на опасни материи, често без соодветна заштита, а не биле покриени ни нивните камиони. Најбитна била брзината за којашто се добивал бонус, па возачите дури и се тркале меѓусебно кој побрзо ќе пренесе отпад, шишкајќи по локалните патишта и разнесувајќи околу себе цел облак прашина. 

Во текот на судскиот процес кој траел до 2009 се појавиле докази дека локалниот совет не презел доволно мерки за да спречи ширење на загадувањето. Судот донел историска одлука, утврдувајќи дека локалната власт е одговорна за негрижата што довела до загадувањето и последиците врз здравјето на децата. Ова бил прв случај во Англија во кој се воспоставила директна врска меѓу индустриско загадување и вродени деформитети. Подоцна било постигнато и спогодбено решение со семејствата, иако деталите за обештетувањето не биле обелоденети. Сепак, никој од локалните власти не одговарал кривично.

14 април 2026 - 09:35