„Вилијам Фридкин создаваше еднакво незаборавен хорор и задоволство“ - вели еден од некролозите за режисерот на „Егзорцист“ и „Француска врска“, кој почина на 87 години. Негови беа и „Да се живее и да се умре во Л.А.“ и „Килер Џо“. Но она што е интересно кога се чита неговата филмографија не се само реализираните, туку можеби уште повеќе, нереализираните проекти.
На неговата Википедија страница, нивниот список е практично подолг од сето останато, и меѓу другото содржи:
- „Ѓаволовиот триаголник“, трилер со летечки чинии во кој требало да играат Марлон Брандо, Чарлтон Хестон и Стив МекКвин (!);
- „Безбеден мрак“, документарец за хорор кинематографијата кои би содржеле интервјуа со Фриц Ланг и Роман Полански;
- „Дневникот на Џек Мевосек“, биографски филм со Ентони Хопкинс во главната улога;
- „Човекот кој чуваше тајни“, биографски филм за холивудскиот адвокат Сидни Коршак;
- Филм за Ме Вест со Бет Мидлер во главна улога итн.
Една од ставките е особено впечатлива, бидејќи вклучува соработка на Фридкин со Питер Габриел. Приказната е следна:
На корицата на албумот „Џенезис лајв“ од 1973 Габриел објавил краток надреалистичен (или СФ) расказ, кој Фридкин го прочитал, или затоа што го слушал бендот или затоа што некој му укажал на текстот. Станува збор за случка во метро, во 4:30 попладне (термин одбран веројатно заради гужвите во тој период).
Во еден од вагоните, млада жена во зелено бизнис одело застанува во центарот и почнува да се откопчува. Го симнува сакото, па чевлите, пантоланите, блузата, прслукот, хулахопките и долната облека. Потоа става рака помеѓу бедрата и почнува нешто да чепка таму долу. Успева да дофати нешто метално и студено и многу бавно да го симнува и своето тело, „откопчувајќи“ го нагоре кон стомакот до лицето. Откако ќе го распори месото, дофаќа нешто што личи на златно јаженце и откако ќе го повлече целото се претвора во течност на подот. Сè се топи освен јаженцето кое уште виси во воздухот. Сите молчат само една жена во розово станува од столчето и вели: ПРЕСТАНИ ОВА Е ГРОЗНО!
Златното јаже исчезнува, на соблеченото одело има белешка како од хемиско на која пишува:
ИМЕ ...............
АДРЕСА ..............
Замислениот проект на Фридкин и Габриел немал директна врска со овој расказ, туку вториов требало да биде ангажиран како сценарист и генерално „давач на идеи“ за замислен игран филм. Неговото заминување од Џенезис коинцидира со овој проект, па се наведува и како една можна причина за тајмингот на чекорот. Сепак, тој не се остварил, а останала помислата - што би било кога би било, не само со овој туку и со останатите неостварени филмови на Фридкин, кој иако толку славен и наградуван и самиот често не можел да ги надмине логистичките, финасиските и останатите компликации на правење филмско дело.