Види го ти Запа!

Некогашниот дом на легендарниот музичар во Малибу повторно е на продажба, за 28,5 милиони долари. Но, вистинската приказна на имотот не е само во цената и погледот кон Пацификот. Куќата е необична мешавина од калифорнискиот начин на живот, мароканска и мавританска архитектура и рачно изработени детали донесени од различни делови на светот. Ги гледаш сликите и викаш „за-па-па“...

Некогашниот имот на Френк Запа се наоѓа на една од најпрестижните локации во Малибу, на карпа над океанот во областа Поинт Дум. Станува збор за парцела од околу 4.450 квадратни метри со 84 метри океанска линија и поглед кон Пацификот речиси од секој дел на куќата. Дополнителна реткост се приватните клучеви за пристап до плажата Литл Дум, една од најзатскриените плажи во Малибу.

Куќата добила голем дел од својот карактер во времето кога сопругата на Запа, Гејл, била нејзина сопственичка. Таа во домот внесувала рачно изработени предмети и материјали од своите патувања, меѓу кои балиско дрво и камен за камини.

По смртта на Френк Запа во 1993 година, Гејл продолжила да се грижи за имотот. Во 2005 година куќата ја купила сценаристката Мелиса Матисон, а во 2013 година сопственик станал инвеститорот Сони Астани. Тој започнал речиси двегодишна обнова, при што додал базен, спа и езерце со водни лилјани, но ги зачувал клучните траги од времето на Запа.

Највпечатливи се мароканскиот двор и мозаикот на подот, за кој се наведува дека е дело на самиот Запа. Во денешната верзија куќата потсетува на современа мароканска вила, но истовремено во неа се препознаваат шпанскиот колонијален стил, мавританските декоративни елементи и типичната калифорниска отвореност кон природата.

Како што пишува специјализираното списание Хоумс енд гарден (каде можат да се видат и повеќе фотографии), реновирањето на ентериерот било намерно воздржано, за архитектурата и материјалите да останат во преден план. Ѕидовите се обработени со текстурен малтер, има рачно изработен тиков мебел и широки дабови подови, додека мароканското влијание се гледа во традиционалните плочки и сводовите во форма на клучалка.

Кујната ја следи истата естетика: дрвени елементи, камени површини и многу природна светлина, без непотребно нагласување на декоративноста. Главното ниво има четири спални соби, додека главниот апартман е издвоен и нуди поголема приватност.

Така, поранешниот дом на Френк Запа денес е нешто повеќе од луксузен имот. Тој е своевиден архитектонски колаж од неговиот свет: ексцентричен, меѓународен, рачно изработен и малку неочекуван. А зад сето тоа останува и трага од човекот кој очигледно не сакал неговиот дом да изгледа како уште една совршена калифорниска вила.

20 август 2026 - 16:35