
Неколку американски весници, вклучително Чикаго Сан-тајмс и Филаделфија Инквајер, објавија список на книги кои се препорачуваат за читање за летово кој содржи лажни наслови од познати автори.
Така, чилеанско-американската авторка Изабел Аљенде никогаш не ја напишала „Соништата на плимата“, опишана како „мултигенерациска сага лоцирана во крајбрежен град каде магичниот реализам се среќава со еколошкиот активизам“ - како едно семејство се соочува со порастот на нивото на морето додека открива долго запретани тајни. Персивал Еверет, кој ја доби Пулицеровата награда за проза за 2025, никогаш не напишал книга под наслов „Создавачите на дожд“ која наводно се одвива во „блиска иднина на американскиот запад каде вештачки предизвиканиот дожд станува луксуз“, итн.
Всушност, само пет од 15-те наведени книги на списокот се реални: Реј Бредбери (кој случајно мразел компјутери) навистина го напишал „Виното од глуварче“, а Франсоаз Саган го напишала класикот „Добро утро таго“.
Иако списокот не е потпишан, авторот Марко Бусагља се пријавил како виновен, велејќи дека ја генерирал со користење ВИ и дека тоа е негова грешка (што не значи дека не е и грешка на уредниците што го платиле и го објавиле истото). Она што е интересно е дека лажниот список е објавен на 18 мај, два месеца откако Чикаго Сан-Тајмс соопшти дека 20% од вработените добиле отказ, како резултат на тоа што непрофитниот сопственик, Чикаго паблик медија, се соочува со финансиски потешкотии.