Амстердамското креативно студио Мур (Moore), заедно со дигиталнaта продукција со луцидно име „Оваа страница не може да биде пронајдена" (This Page Cannot Be Found) создале книга којашто може да ја сврти на глава познатата изрека - „не суди за книгата според корицата".
Книгата со наслов „Корица која суди за тебе" е составена од интегрирана камера и технологија за препознавање лица, која го скенира изразот на нејзиниот читател, пред тој воопшто да ја отвори. Таа се отвара дури откако ќе детектира дека читателот не е ни премногу возбуден, а ни премалку ентузијастичен, односно дека има неутрален израз на лицето. Тогаш екранот позеленува и еден микро-контролер ја отвара бравата.
Идејата е дека на оваа, како и на која и да е друга книга, треба да ѝ се пристапи со отворен ум, без предрасуди и без однапред изградени ставови. И дека само тогаш во неа може вистински да се ужива. Според овој принцип голем број книги никогаш не би ни се отвориле..