Покрај медалите, сертификатите и наградите во пари, новопрогласените Нобеловци добиваат и оригинални парчиња уметност, кои би требало да ја отсликуваат суштината на нивните постигнувања. Ова за нив значи дека треба да се залепат за екраните кога се соопштува наградата, и фино да проучат за што е доделена.
Таков е примерот со сликарката-акварелист Хасе Карлсон, која треба да ја наслика наградата за економија оваа година, но која, исто како и сите вон Комитетот, не може да знае кому ќе му биде наменета. Особено ќе стане напнато ако наградата се додели на повеќе од еден човек: „Ако бидат тројца, ќе му биде многу стресно. Се надевам дека овој пат ќе бидат еден или двајца", вели таа.
Конечниот производ од неа се очекува во средината на ноември, пред свеченото врачување следниот месец. Таа минатата година направила три слики, како на пример за физичарот кој ја откри сината ЛЕД лампа. На оваа тема нацртала силуети облечени во темно, кои се капат во светлина која блеска од прозорците и од уличните светилки.
„Пораката беше дека светлината може да се разбуди, да ја осветли ноќта и да ја разбуди хуманоста", вели Карлсон.
Но лесно е да црташ светлина, оди нацрта Хигсов бозон. Тоа требала да го направи Сузан Џардебек за лауреатите по физика од 2013. Сликарката морала да се консултира со куп физичари кои би ѝ ја опишале, визуелно, субатомската честичка. Некоја физичарка ѝ рекла дека тоа не е лесно, но дека може да се обиде со нешто што личи на мексиканско сомбреро, форма што до некаде го отсликува однесувањето на бозонот. Позадината е небесно сина, заради неговото популарно име - Божјата честичка.
Добрата страна со уметноста е што трпи ако не сè, а тогаш многу, па колку и да е сложена или апстрактна темата за која е доделена Нобеловата сликарите тешко дека можат да утнат, особено ако нацртаат нешто исто толку апстрактно и сложено.