
Федералните фондови за истражувања во САД се соочуваат со значителни кратења под администрацијата на Трамп. Националните институти за здравје и Националната научна фондација, двата најголеми спонзори на академски истражувања, веќе имаат намалени средства, што за голем број научници е алармантно. Сенаторот Тед Круз е предводник на кампања која ги „протресува“ грантовите на Националната фондација, идентификувајќи над 3400 проекти кои наводно промовираат диверзитет, рамноправност и инклузија, или како што тој ја нарекува „нео-марксистична пропаганда на водење класна борба“.
Сабстекот Астрал Кодекс Тен, на влијателниот блогер Скот Александер (поранешен Слејт Стар Кодекс, за чиешто „доксирање“ пишувавме тука) го истражи ова тврдење, заклучувајќи дека само 40% од наведените проекти разумно би можеле да бидат категоризирани како „воук наука“. Оттаму овие нови сигнали укажуваат на еден поширок тренд - конзервативците ја користат својата политичка моќ за да удрат по академски естаблишмент што тие го сметаат за идеолошки непријател.
Како што пишува сајтот UnHerd, реакциите на намалувањето на средствата беа брзи и остри. Иако загриженоста е валидна, стои и тоа дека академијата последниве години не покажува подготвеност за идеолошки диверзитет, туку од поголемиот број универзитети прави идеолошки „монокултури“. Во 2023, кога Флорида ја отстрани социологијата од генералниот образовен курикулум можеби некој тоа требаше да го сфати како повик за будење и покана за интроспекција, а не за одрекување и непријателство. Академијата долго време ги третира конзервативците како примитивци и „зликовци“ а не легитимен дел на интелектуалната заедница. Оттаму, не е изненадувачки што некои од истите тие конзервативци, кои сега се на власт, ги третираат професорите како непријатели а не како непристрасни учени кои ја заслужуваат довербата на јавноста и нивните даночни пари.