Центарот за контрола и превенција на болести на САД на 14 декември наводно добил список од администрацијата на Трамп. На него се седум зборови или изрази кои ќе бидат забранети во сите официјални документи кои се подготвуваат во контекст на буџетот за 2018. Цензурата сама по себе е страшна работа, но кога еден од забранетите изрази е „базиран на докази“ тогаш работата е алармантна.
Сите седум забранети зборови и изрази кои Центарот во иднина нема да смее да ги користи се:
- фетус
- трансродов
- ранлив
- овластување/одобрение (entitlement)
- разноликост/диверзитет
- базирано на наука
- базирано на докази
Гласноговорникот на Центарот одрече дека постои ваква листа, но не и дека биле испратени „препораки“ за тоа кои точно зборови би требало да се употребат при аплицирањето за буџет за следната година, за да се обезбеди истражувањата и програмите да продолжат (или не).
Реакциите на ваквиот обид за цензура беа бурни, при што Белата куќа беше наречена „орвеловска полиција на мислата“. Сепак, можеби не се работи за директна сугестија токму од ова место, туку стратегија со кога би се одбегнало Републиканците да се налутат и да ги скратат парите. Ваквата, во најмала рака, автоцензура се вклопува во пошироката шема на однесување на администрацијата на Трамп во последниве 11 месеци. Неподготвеноста да се прифати еден колективно признаен збир факти, потпирањето на лажни вести, подривањето на научниот метод и науката воопшто, некако прават приказната за цензурата да звучи реално.
Зошто е важно кога државна агенција ќе почне да одбегнува одредени зборови и јазик? Во анализа на Сајентифик Американ, Лера Бородитски, когнитивен истражувач од Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, ја објаснува врската помеѓу одреден начин на зборување (за нешто) и суптилното или помалку суптилното влијание кое тоа го има врз другите. Особено кога станува збор за говор на институции во кои граѓаните би требало да имаат доверба, во случајов во однос на нивното здравје, изоставувањето на споменатите термини може драстично да ја промени перспективата. И не само тоа - основната идеја е дека она што не е именувано не може ни да се брои, да се земе предвид, да се реагира во однос на него. Ако на пример зборот „трансродов“ не постои во официјалните документи, тогаш никогаш не може ни да се поттикнат услуги, заштита од насилство, социјална помош и слично во однос на овие групи. Тие на тој начин едноставно не постојат. А како што важи за категориите луѓе, така во случајов важи и за науката, диверзитетот и доказите.