„Како некој да ви го зел мозокот и до смрт да ви го мавал со опадната ерекција завиткана во примерок од Патриотскиот акт - глупи и по малку патетични" - вака ги опишува филмовите за Џејмс Бонд коментаторка на Њу Стејтсмен. Сепак и таа признава дека Бонд е едно од оние слатки задоволства кои предизвикуваат вина, како кога си се прејал чоколадо.
И самиот Даниел Крег пред премиерата на новиот филм за Бонд изјави дека „ликот е всушност мизогин" и дека голем број жени го сакаат затоа што тој е отелотворување на одреден тип опасност и никогаш не се задржува предолго во каква и да е врска. Со ова Крег го профилира Бонд на 21-от век: лик кој е истовремено свесен дека е реликт, но и кому му е јасно дека е сè уште херој.
Историјата на мизогинијата во филмовите за Бонд е долга и богата, а и поновите филмови не стојат нешто подобро на оваа тема. Се сеќавате на оваа сцена од „Скајфол"? Откако „лошиот" ја врзува неговата љубовница и ѝ става чаша виски на главата, за потоа да ја упука, токму за да ни докаже колку е зол, коментарот на Бонд е: „Какво залудно трошење добро виски"
Секако, можно е оваа и сите други слични сцени во филмовите за Бонд да се гледаат иронично. Сепак е тешко да се одржи ваквата дистанца, додека ти се качува адреналинот заради сето тоа пукање и акција. На Даниел Крег не му е дадено заслуженото признание, што од еден „картонски" лик сепак успева да одигра еден трауматизиран маж со камено срце, кој е дводимензионален токму затоа што е празен одвнатре.
„Даниел Крег е Бондот којшто го заслужуваме, оној кој ја сфаќа сериозно работата на отелотворување на загубената фантазија од 1950-тите. Таа има врска со машкоста, но и со британскоста, белата раса и хетеросексуалноста, загубата на сигурноста по сите овие ставки, во свет кој рапидно се менува. Токму затоа се согласувам дека Бонд не може да биде игран од жена или од припадник на друга раса - неговата белост и машкост се онолку дел од него колку и технологијата, софистицираните одела и романтичниот алкохолизам. Всушност, ова е речиси сè што тој е", заклучува коментаторката на Њу Стејтсмен.