Колегата-давеж

Тајниот презир на Бодлер кон Иго

Виктор Иго, еден од француските книжевни џинови, како човек бил давеж. Барем така тврди неговиот современик и колега, Бодлер. A со него се согласуваат и современите француски матуранти.

Во јануари 1860, во преписка со непознат пријател, Бодлер се жали дека Иго постојано му праќа глупави писма, додавајќи дека ова гњавење го инспирирало да напише есеј во кој ќе покаже дека „според еден фатален закон, генијот е секогаш идиот".

Писмото сега се продава од аукциската куќа Кристи во Њујорк, заедно со првото издание на славната збирка на Бодлер „Цвеќиња на злото", која содржи шест песни кои биле избришани од второто издание. Цената на комплетот се проценува на 100.000 долари.

Причината зошто шест песни се отстранети од збирката е тоа што по објавувањето на книгата во 1857 Бодлер бил обвинет за навреда на јавниот морал, по што судот, по сопствено наоѓање, одбрал кои песни треба да се цензурираат. Тогаш Иго го поддржал колегата, велејќи дека Цвеќињата на злото „сјаат како ѕвезди“ и дека неговата поезија создава нов вид морничавост.

Бодлер од своја страна му посветил три песни во збирката, но и покрај јавните фалби, потајно го презирал, завидувајќи му на славата. Истовремено, додека во текст објавен во списанието Le Boulevard ги славел „Клетници", во писмо до мајка му тој го опишал романот како лош и недостоен, додавајќи дека на оваа тема „докажал дека владее со уметноста на лагата".

Односот на книжевните сили во текот на нивниот живот сигурно бил на страната на Иго - тој е опишуван како човек со огромно его, но и со нереално голема енергија, не само за пишување туку и за занимавање со различни општествени и политички проекти. Сепак, неговото име денес, барем во Франција, во најдобар случај е симбол на носталгија, а за помладите генерации и на старомодност и нерелевантност.

Според француските медиуми, откако оваа недела матурантите го полагале завршниот испит по мајчин јазик на кој една од темите била песната на Иго „Самрак", тие на Твитер го нарекле писателот со секакви имиња. Со оглед на тоа што во песната се работи за дијалог помеѓу животот („Што вели стракот трева?") и смртта („А што одговара гробот?") некој од лутите ученици го опишал Иго „надуван тип кој пишува за трева која зборува", а друг, кој очигледно не знаел дека Иго е мртов, му порачал да не се појавува следните денови пред гимназијата.

18 јуни 2014 - 22:30