Кога ќе се изгугла изразот „судски процеси против Бог“ се појавуваат интересни резултати. Некои се измислени приказни, но други се многу реални.
Така, во 1970 извесна Бети Пенроуз поднела тужба против Господ затоа што тој дозволил нејзината куќа да биде уништена од гром. Таа го обвинила за „негрижа“, а го добила случајот поради една техникалија. Имено, бидејќи Господ не се појавил на рочиштето, согласно правилата таа го добила случајот.
Чемберс против Бог е процес кој се одвивал во 2008, како свесен обид на сенаторот од Небраска Ерни Чејмберс да го проблематизира јавниот пристап до судскиот систем. Тужбата била отфрлена бидејќи Бог не можел соодветно да биде известен, со оглед на тоа што нема фиксна адреса. Сенаторот, тргнувајќи од претпоставка дека Бог е еден и сезнаечки, реагирал наследниов начин: „Судот го признава постоењето на Бог. Последица на тоа е признавањето и на тоа дека Бог знае сè. Ако Бог знае сè, тогаш тој бил информиран и за оваа тужба“. Ова сепак не му помогнало тужбата да помине, но секако предизвикало јавно внимание, што и било целта.
Во 2005 романски затвореник идентификуван како Павел М., кој отслужувал 20 години откако бил осуден за убиство, поднел тужба против Романската православна црква, како претставник на Бог во Романија. Неговата поента била - тие не го заштитиле од ѓаволот, иако бил крстен и оттаму му ја гарантирале таквата доживотна заштита. Тужбата била отфрлена бидејќи обвинетиот не е ниту поединец, ниту компанија, па оттаму и не можел да биде предмет на ваков случај.
Чандан Кумар Синг, адвокат од Бихар во Индија, го тужел хинду божеството Рама затоа што тоа ја малтретирало својата жена, божицата Сита. Судот го отфрлил случајот нарекувајќи го „непрактичен“.
Во другиот табор, вистински тужби против ѓаволот има помалку. Во 1971 Џералд Мајо поднел тужба во која изјавил дека Сатаната во бројни случаи му предизвикала беда и неволји, дека му поставувал пречки на патот и му предизвикал пропаст. Со сето ова тој му ги одзел уставните права. Мајо ја поднел тужбата in forma pauperis, односно однапред изјавувајќи дека не би можел да ги подмири трошоците на судењето. Судот го одбил барањето за ваквиот третман, бидејќи тужителот не вклучил инструкции за тоа како судот би можел да му врачи покана за суд.