„Извонредни трупови“ (Cadavre exquis) е техника измислена од надреалистите, со која се создаваат збирки од зборови или слики. На ливче се запишува збор, потоа тоа се витка за следниот играч да не го види, тој пишува свој збор и го крие, и така до последниот, кога се разоткрива целата реченица. Истото може да се прави со цртање делови на сликата, така за цртачите да не знаат што нацртал другиот, но на крај да се формира една заедничка. Можно е однапред да се знае што се црта (на пример тело на човек или на животно), но повторно деловите да бидат скриени.
Името на техниката е изведено од фраза која произлегла прв пат кога била играна играта -„Извонредниот труп ќе го пие новото вино“. Местото било стара куќа на Улицата ди Шато број 54 во Париз, а присутни, меѓу другите, биле Марсел Дишан, Жак Превер и Андре Бретон. Играта станала многу популарна во тогашните интелектуални кругови, и се играла и во француските кафеа во текот на 1930-тите. Таа се игра и денес, и вербалната и визуелната варијанта, под различни имиња (на пример како Consequences).
Нова книга под наслов „Убавата книга на Извонредните трупови: креативна игра со бесконечни можности“ од Гевин Едвардс, која е варијанта за возрасни, е подеделна на два дела. Во првиот треба да се дополнат делумно исцртани слики од десетина познати илустратори, аниматори, тату уметници, но и музичари и ТВ критичари. Меѓу нив се добитничката на Пулицер, новинарката Емили Нусбаум, Моби и Крис Франц од Токинг Хедс. Во вториот се комбинираат зборови, со тоа што играчите треба да се надоврзат на една почетна реченица за да направат приказна. И тука со свој прилог учествуваат познати автори, актери и продуценти, меѓу кои Стивен Фрај. Вкупно во правењето на книгата учествувале 110 луѓе. Авторот, поточно уредникот на изданието, е автор на девет книги, вклучително и „Таото на Бил Мареј“.
Начинот на нејзино користење е едноставен - листовите се перфорирани, значи можат лесно да се скинат, да се свиткат и да му се даде на првиот играч да додаде цртеж или збор. Секако, таа може да ја играте и без помош на книгава. Eве го нашиот првичен резултат (тема: измислено животно):