1. Фридонија
Во филмот на браќата Маркс, „Супа од патка", ликот Руфус Т. Фаерфлај (којшто го игра Гручо) е диктатор во земјата Фридонија. Тој се мачи да обезбеди голем заем од богаташка на која ѝ е симпатија. Истото име на земја е користено и пред филмот, како еуфемизам за слободна нација (особено во контекст на САД). Во 1990-тите тоа било име на „микронација" формирана од средношколци, базирана на либерални идеали, со нивна химна и устав.
2. Долна Слобовија
Од стрипот Li'l Abner на Ал Кап, земја во којашто жителите цела година се во снег до појас, што е асоцијација за Сибир. Подоцна Долна Слобовија почнало да значи „кое и да е место кое е далечно, сиромашно или примитивно" (нешто како нашето Џумајлија?)
3. Мороника
Звучи познато? Од пародија на Хитлер во краткиот филм „Ти нацистички шпиону!" од 1940 на The Three Stooges, комично американско трио од средината на 20 век. Погледнете го Мо, еден од молерите во филмот и неговиот мустаќ
4. Република Елбонија
Од стрипот Дилберт, источно-европска нација којашто полека излегува од комунизмот, или што би рекле, е во „транзиција". Целата земја е во кал и токму тоа е најголемиот извозен продукт. Компанијата на Дилберт лоцира свои вработени во оваа земја за да заштеди пари.
5. Гранд Фенвик
Измислено европско војводство од книгите на Леонард Виберли. Првата книга, „Глушецот кој рикаше" е преточен во филм во 1959. Се работи за мала нација во Алпите, која успева да ја добие војната против САД бидејќи никој не ја сфаќа сериозно нејзината инвазија. Сепак, целта на инвазијата е сосема обратна - да се загуби војната и да се добие странска помош за реконструкција.
6. Сан Сомбреро
Пародија на централно-американска земја којашто постои само во туристички водич од 2006 - „Сан Сомбреро: земја на карневали, коктели и државни удари". Таа асоцира на сите можни стереотипи поврзани со ваквите дестинации, химната ѝ е „Ла Бабабумба" и се изведува со „тверкање", а стапката на неписменост се решава со затворање или депортирање на неписмени. Вакви фиктивни водичи постојат за уште најмалку две земји - европската Молванија: земја недопрена од современата стоматологија и азијската нација Фаик Тан: настрадани од сончев удар.
7. Сан Сериф
Тропски остров во Индијскиот океан. Измислен од Гардијан во 1977 како првоаприлска шега, но опишан детално, на седум страници, со сета географија, историја и култура. Секој дел од островот е со типографско име, а главниот град се вика Бодони.
Извор: Ментал Флос