Спрингстин MНОГУ сака да пишува со големи букви

Кога некој пишува само со големи букви ИЗГЛЕДА КАКО ДА СЕ ДЕРЕ и генерално не е убаво. Посебно грдо изгледа во книга, па дизајнерите обично препорачуваат замена на ваквите делови со италик, освен ако баш не се мора. А на Брус изгледа му се мора.

За автобиографијата „Роден за трчање“, која излезе пред неколку дена веќе пишувавме тука. Она што до сега не го знаевме за неа е колку Шефот стилски е приврзан за големите букви кога сака да долови возбуда или важност на она што го кажува. На едно место, каде раскажува за тоа како го гледал Елвис Присли кај Ед Саливан, капс лок-от зафаќа цели 4 страници (?!). А во целата книга тој е употребен дури 63 пати.

Еве неколку примери:

1. За отфрлањето на статус кво-то:

За овие идиоти, јас сум само разгалено дете кое не сака да се вклопи во она на што сите мораат да се прилагодат, единственото-безусловно-теистичко кралство на...ТАКА СТОЈАТ РАБОТИТЕ.

2. За неговите преференци:

РАБОТИТЕ, ОНАКВИ КАКВИ ШТО ГИ САКАМ!

3. За мајка му и двете сестри:

ТИЕ СЕ НАЈБОЉИ.

4. За типичниот поздрав на дедо му Антони:

БААААРУУУУССС..Дојди тука!...

5. За корицата на Meet the Beatles:

Четири лица во полусенка, рокенрол верзија на Маунт Рашмор, и...КОСАТА...КОСАТА. Што значи тоа? Беше изненадување, шок. Можеше да ги видиш и на радио. Речиси е невозможно денес да се објасни ефектот на...КОСАТА.

6. За неговата прва тепачка од која излегол поразен:

Кој знаеше карате во Њу Џерси во 1966?...ЕБЕНО НИКОЈ!

7. За живеење до еврејско семејство:

Мајка ми и татко ми, иако не беа расисти или антисемити, сепак ме предупредија мене и сестра ми дека овие луѓе...НЕ ВЕРУВААТ ВО ИСУС!

8. За брилијантинот за коса:

Нивната фризура беше прецизна и не смееше човек да се заебава со тоа...НЕ МИ ЈА ФАЌАЈ КОСАТА...АКО МИ ЈА ДОПРЕШ ЌЕ СЕ ТЕПАМЕ.

9. Кога татко му го терал да се шиша:

Тоа беше единствениот пат кога на татко ми му кажав дека го мразам - ГО МРАЗАМ.

10. За тоа зошто не треба да потпишуваш договори со сомнителни типови:

ТОЈ ТИ ГО ИМА ИМЕТО НА ХАРТИЈА!

...и кога ја купил првата електрична гитара:

Кога ја вклучив во појачалото, МАГИЈА!

И така уште педесетина пати. Мора да се признае дека човекот знае да го потенцира она што му е важно, И ТОА НЕ МОЖЕ А ДА НЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖИ. Во електронската верзија може на тие места наместо капс-лок да стави по еден риф.

Сите капс-локови во книгата тука

30 септември 2016 - 10:17