Со лоша музика против омразата: бучавата како форма на отпор

Наместо со извици и судири, група дански музичари решија на говорот на омраза да му се спротивстават со импровизиран – и намерно лош – џез. Најчесто свират на собири кадешто говори одржува десничарскиот политичар Расмус Палудан.

Во времиња кога политичките поделби сè почесто се претвораат во конфликти на улиците, една необична иницијатива од Данска покажува дека отпорот може да биде и креативен. Наместо контрапротести исполнети со навреди и тензии, десетици музичари избраа поинаков пристап – со труби, саксофони, тапани, тенџериња и дрвени лажици да го надгласат говорот на екстремно-десничарскиот политичар Расмус Палудан.

Палудан е дански адвокат и крајнодесничарски политичар, најпознат како основач на партијата „Страм курс“ (Тврда линија). Роден е во 1982 година и стана познат по организирањето антиисламски демонстрации, на кои јавно палеше примероци од Куранот и одржуваше говори насочени против имиграцијата и муслиманите.

Колективот Free Jazz Against Paludan се појавила во 2020 година како спонтана граѓанска иницијатива. Неговите членови го следат данскиот десничарски политичар Расмус Палудан на неговите јавни собири и свират слободен, хаотичен и намерно дисхармоничен џез. Целта не е да одржат концерт, туку да создадат доволно бучава за неговите говори да не можат лесно да се слушнат.

„Се бориме со бучава против бучава“, велат учесниците во иницијативата. Според нив, говорот што поттикнува омраза не треба да се игнорира, но ниту да се пречекува со насилство. Наместо тоа, тие избираат форма на протест што истовремено е мирна, духовита и провокативна.

Акцијата брзо стана вирална на социјалните мрежи. Видеата од музичарите кои свират непосредно пред говорницата собраа десетици илјади прегледи, а иницијативата доби и финансиска поддршка од граѓани. Собраните средства беа наменети за организација што им помага на семејства на баратели на азил во Данска.

Една од особеностите на колективот е неговата отвореност. Не постои формално членство – секој што има музички инструмент може да се приклучи. Дури и ако не свири професионално, доволни се тенџере, капак или дрвена лажица. Единствениот што, како што велат со доза хумор, не може да стане член е самиот Палудан.

Многумина токму во ова ја гледаат силата на иницијативата. Наместо агресија, таа користи апсурд и иронија. Тешко е сериозно да се одржи политички говор додека неколку саксофони и труби импровизираат неколку метри подалеку. „Грозни зборови заслужуваат грозна музика“, духовито коментирал еден од редовните учесници на контрапротестите.

Од друга страна, самиот Палудан ваквите акции ги оцени како незаконско попречување на неговите собири и доказ дека неговите противници немаат аргументи, туку само создаваат бучава. Но токму тоа е суштината на иницијативата – не да води политичка дебата, туку преку уметничка интервенција да покаже дека јавниот простор може да биде освоен и со креативност.

29 јули 2026 - 12:34