Смрт и ужас: кога контроверзен албум со звучни ефекти станал хит

„Звучни ефекти број 13“ поттикнал контроверзи кога бил издаден во 1977. Но и покрај морничавите наслови на композициите како „Црвена жешка маша во око“ и кампањата за да биде забранет, ефектот бил обратен - тој станал хит за издавачот, Би-би-си.

Албумот од 1977, „Звучни ефекти број 13 - смрт и ужас“ отвара со звуци на острење нож, а потоа продолжува со аранжман на сецкање, камшикување, кинење, сечење со пила и друга „фина“ врева. Изворот на секој од нив е мистериозен, но слушателите можат да ја консултираат задната корица за подетални информации. Насловите на парчињата се најблаго кажано живописни - „Нокти зариени во месо“ или „Свиткан и скршен врат“. 

Хоророт како жанр доживеал пресврт во 1970-тите. Во првата половина од деценијата, филмската публика била скандализирана од филмови како „Егзорцист“ или „Тексашкиот масакар со моторна пила“. Истите контроверзи го следеле и албумот - самото аудио било доволно вознемирувачко за плочата да биде повлечена многу бргу по објавувањето. 

Но ваквата ситуација траела кратко. Негативниот публицитет наметнат од конзервативните активисти помогнале тоа да стане најуспешниот албум со звучни ефекти од тој период. А сè почнало со неколку зелки во студио...

Би-би-си рекордс во истата таа деценија била позната по некои чудни изданија, за кои е тешко да се каже точно во која категорија спаѓаат. Нивните албуми вклучувале музика за вежбање после пороѓај, предавање за астрономија и преработка на „Сејлинг“ на Род Стујард изведена од хор на Кралската морнарица. Една серија вклучувала звучни ефекти од архивите на радиодифузерот преточени на винили за аматери-филмаџии и театарски работници. Од нив пристигнувале бројни барања за хорор албум, и во 1977 тие им го дале на слушателите она што го барале.

Сепак, на овој албум имало и специјално снимени нумери - од кич звук на куќа со духови до сцени што асоцираат на грозоморно убиство, кои биле постигнати со „малтретирање на големи бели зелки“, после што на авторите и снимателите им останувале големи количества салата (веројатно имале и со што да ја залијат).

Албумот бил толку успешен што по првото издание следеле уште две, More Death and Horror и Even More Death and Horror. Во 2016 Демон рекордс го реиздале оригиналниот албум на 180-грамска ЛП заедно со оригиналната корица. 

26 септември 2023 - 20:04