Блазе си им

Штрумфови и Тинтин на новите белгиски пасоши

Растенија, орли, поранешни претседатели, светци, значајни историски фигури. Дизајните на пасоши обично следат одредени конвенции. Но од оваа недела сите нови пасоши на Белгијците ќе содржат - ликови од стрипови!

Пасошот, тој ултимативно важен документ, кој за многумина значи не само дали можат да патуваат, туку и дали спаѓаат во категоријата „граѓани од втор ред“ во очите на ЕУ и светот, за Белгијците изгледа дека е најлежерното парче хартија на свет. 

Така барем делува во светлина на веста дека нивниот нов стандарден пасош од 34 страници ќе биде илустриран со Лаки Лук, Штрумфовите, Тин-тин и други цртани ликови. Голем број од сликите се од оригиналните белгиски стрипови, како оној од 1954 за Тинтин под наслов „Истражувачи на месечината“. Во него момчето-новинар ги прави првите чекори на површината на Месечината 15 години пред Нил Армстронг. Другите се дизајнирани специјално за пасошот, како Штрумфот со распослани мапи пред себе, како да се подготвува за пат.

Стриповите, славени во Белгија и Франција како „деветта уметност“, и денес се многу популарни иако не во толкава мера колку во поствоениот период. Првиот голем хит бил токму Тинтин објавен во 1929 на Жорж Реми под псевдонимот Ерже. Во 1958 пристигнуваат малите сини луѓе, Штрумфовите, замислени од Пјер Кулифорд, под псевдонимот Пејо. Нивното име е поврзано со анегдота, кога Пејо не можел да се сети на зборот за „сол“ на ручек со колега, и му побарал од тоа le schtroumpf-от. 

Најцелосна слика на пасошите ќе имаат граничните службеници. Иако за голо око се гледа само силуета на одредена сцена, другите детали, како израз на лицето и текстурите ќе се гледаат само под ултра-виолетова светлина. 

Ваква финта додуша ја има и во други пасоши. Оној на Естонија содржи сцена на ноќно небо кое трепери под УВ светлина; Финска има лос кој трча при брзо листање на пасошот; најновата јапонска патна исправа ја содржи серијата „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“ на славниот сликар Хокусаи. 

Предлагаме на македонскиот пасош, во отсуство на покреативни идеи, барем да има од онаа опција „изгреби и помирисај“, за кога човек ќе се иссели од земјата барем да може да помириса везенки или мастика. 

7 февруари 2022 - 18:01