Што значи точно зборот „стар“?

Прво си млад, па средовечен, па стар. Последниов термин кажан некому в лице звучи како навреда. Дали „стар“ во ерата на промовирањето вечна младост е табуизиран збор?

Придавката „стар/а“ употребена за човек, со сите свои конотации на физички распад и социјална маргинализираност не успева да ги покрие сите турбуленции низ кои минува човечкиот живот по средовечноста. Ова особено важи денес, кога просечниот животен век, особено за богатите и поздравите, постојано расте. Некои од овие луѓе сè уште работат (макар и приватно), некои се пензионирани, трети одат на фитнес, четврти страдаат од хронични болести. Има и такви кои го шетаат светот, гледаат внучиња. Ниту еден генерален термин не може да ги покрие сите нешта низ кои минуваат овие луѓе, кои како да припаѓаат на различни генерации, иако се можеби на иста возраст.

Па ако 65, 75 или 85-годишните не се „стари“, тогаш што се? Во американскиот англиски сè почесто се користи збор сличен на стар, но со битна додавка којa е суштински „омекнувач“ - older (постар). Терминот добива на популарност не затоа што е совршен, туку затоа што е најмалку несовршен од големиот број описи кои им стојат на располагање на англиските говорители, а кои се сметаат за старомодни.

Еден таков е „сениор“, со исто значење - постар, кој повеќе имплицира професионален стаж и искуство (на пример постар истражувач, што не значи дека човекот е хронолошки стар). Во англискиот тој често се користи и како придавка пред терминот „граѓанин“ (senior citizen), но не е секој постар жител на САД истовремено и американски граѓанин.

„Возрасен“ (elderly) кај нас е веќе одомаќинет како политички коректен термин за „стар“, но „возрасен“ може да значи и зрел, разумен, некој кој ги надминал детските и тинејџерски лудости и станал одговорен, па макар бил и сосема млад човек. Еуфемизми од типот „супер возрасни“ (super adults) или „луѓе во златните години“ (golden years) звучат како излезени од лоша реклама за спортска кола, за стари и изнемоштени кои не се чувствуваат такви.

Покрај сите правни, медицински, естетски, образовни и какви се не дефиниции на „стар“, ние нудиме термин кој е многу реален индикатор, а истовремено и ненавредлив, затоа што може да е привремен: стар си кога си просто - уморен.

извор

29 јануари 2020 - 10:00