Елија Бискер и Џефри Морис се познати како „Шармантна катастрофа“ (Charming Disaster), дуо од Бруклин, формирано во 2012. Името, изгледот и воопшто концептот на бендот бил инспириран од готскиот хумор на Едвард Гори и Тим Бартон, расказите на Рејмонд Чендлер, драматичноста на кабарето и страшните балади од американскиот фолклор.
Но нивниот нов албум има и дополнителен извор на инспирација - животот и делото на Пјер и Марија Кири. Откако ја прочитале биографската графичка новела „Радиоактивно“, излезена во 2015, тие одлучиле подлабоко да го истражат животот на Нобеловката и нејзините откритија.
Резултатот е „Нашата лејди Радиум“, девет песни посветени на Марија Кири. Албумот е финансиран преку колективен повик (на ист начин како што Кири собирала средства за своите експерименти - види „Кога жени собирале пари за грам радиум“), снимен е во текот на пандемијата, а е придружен со илустрирана книшка која вклучува детална библиографија на документаристички, но и фиктивни дела посветени на Кири.
Посебен впечаток на Бискер и Морис им оставиле тн. „радиумски девојки“, кои работеле во фабрики за производство на евтини рачни часовници со светлечки бројки и стрелки. Бојата со којашто биле премачкувани содржела радиум и имала далекусежни последици по нивното здравје. Оттаму и истоимената песна на овој албум, посветена на овие млади жени, кои и по откритието на штетноста на радиумот биле игнорирани и маргинализирани. На овој начин бендот сака да им го укаже должното внимание.