„Шах-брат“ или дали можеш да мамиш во шах со анални топчиња?

Нов документарец на Нетфликс истражува една од најконтроверзните и бизарни приказни во современиот шах. Наместо само спортска анализа, филмот се фокусира на медиумската сензација, гласините и конфликтот меѓу двајца шахисти, откривајќи ја и темната страна на овој интелектуален спорт.

Ако сте по шахот, приказната за Ханс Ниман веќе ја знаете. Тој во 2022 година беше обвинет дека мамел во партија против светскиот шампион Магнус Карлсен, победувајќи го на престижен турнир. Најконтроверзни беа шпекулациите дека притоа користел бизарен технолошки метод за добивање сигнали за потези - анални топчиња! Колку и да звучи чудно, односно токму поради тоа, теоријата стана вирална и ги засени сите муабети за квалитетот на играта на соперниците.

Документарецот „Чес мејтс“ (наш предлог превод кој ја доловува играта на зборови - Шах-брат) најпрвин ни ги прикажува ликот и делото на Ниман, кој за себе вели дека имал тешко детство, бил постојано изложен на булинг поради интровертноста и интересот за шах, а немал ни поддршка од семејството. Снимките од неговиот стан, доколку се автентични, покажуваат хаос во кој живее некој што знае да не спие и по три дена, решавајќи шаховски проблеми. Неговиот пробив се случува за време на пандемијата, кога како што сведочат и сопствениците на сајтот Chess.com, онлајн шахот доживеал огромен раст. Овој подем им овозможил на нови играчи, како Ниман, да станат популарни и да заработуваат преку стриминг, а подоцна и преку настапи во живо. 

Како контрапункт на темпераментниот карактер на Ниман, кој по онлајн пораз знае и да доживее мал нервен слом и неконтролирано да се дере во етерот (додуша слично е и кога ќе победи силен противник), Магнус Карлсен - светскиот шампион од 2013-2023 и се уште бр. 1 во светот на класичниот шах - е претставен како тивок, воспитан, умерен. Првите средби меѓу него и Ниман се случиле во онлајн формат и на помали турнири, кога вториов сè уште бил млад и не толку познат играч, додека Карлсен веќе бил доминантна фигура во светот на шахот. Во тие рани години, Карлсен имал очекувана предност, а Ниман постепено се пробивал како талент, но без поголеми директни судири што би привлекле внимание.

Пресвртниот момент доаѓа во 2022 година, кога двајцата играат на престижниот турнир Синкефилд. Таму Ниман сензационално го победува Карлсен со црни фигури, што веднаш предизвикува сомнежи. Набргу потоа, Карлсен се повлекува од турнирот — нешто што никогаш претходно не го направил — и индиректно навестува дека верува оти противникот мамел. Овој потег ја отвора вратата за огромна медиумска бура, во која се појавуваат различни шпекулации и теории.

Иако Ниман никогаш не бил официјално прогласен за виновен за мамење во живо, тој поднел тужба вредна 100 милиони долари против Карлсен и други, која подоцна била отфрлена. Во документарецот, Ниман тврди дека постоела заговор против него, поврзана со платформата Chess.com, каде претходно признал дека мамел во помлади години. Од друга страна, Карлсен и раководството на платформата ги отфрлаат овие обвинувања.

На крајот, приказната останува неразрешена (па оттаму и немаме одговор на насловот на овој текст), без цврсти докази што би ја затвориле дебатата. Документарецот не нуди многу нови информации, туку повеќе ја сумира веќе познатата драма, која иако избледе од насловните страници, продолжува да живее како една од најнеобичните приказни во современиот спорт.

Teмата „топчиња“ кај Пирс Морган:

9 април 2026 - 09:46