Семето на Илон Кан

Историскиот поттик одредени мажи да расфрлаат семе низ светот и на тој начин да го шират својот генетски материјал не е сопрен, но нему сега му се пристапува малку поинаку. Денес не мора да парадирате со главите на вашите непријатели низ град или да пиете од нивните черепи. Можете просто да сте богати. 

Ниал од Деветте Заложници бил легендарен, полуисториски ирски крал, предок на династии кои доминирале со Ирска од 6-тиот до 10-тиот век. Непријателите се треселе од страв само што ќе го виделе, а неговата поморска војска, која повеќе личела на пиратска дружина, земала Британци како робови. 

Според легендата, Ниал нашол убава жена откако тој и неговите пријатели биле застанати од стара вештерка која чувала бунар. Барала да биде бакната во замена за вода, што само Ниал бил одлучен да го стори. Потоа се претворила во убава млада девојка, со која подоцна добил куп синови - главешини на голем број успешни кланови. 

Ова е можеби измислица, но истражувањата на ДНК на Ирците покажуваат дека околу 2-3 милиона мажи имаат потекло по машка линија од еден единствен плоден мажјак кој живеел во времето на Ниал. Во 2006 генетичарите откриле дека еден од 12 Ирци потекнуваат од машката линија на овој човек, како и голем број луѓе во дијаспората, што вклучувало 2% од сите њујорчани и голем број Американци. 

Историски, високопозиционираните мажи имаат потомство преку полигамија (имањето повеќе сопруги), вообичаена во општества по подемот на земјоделството и раното воспоставување на државите, каде мал број мажи монополизираат поголем број од жените. 

Најпознатиот пример е монголскиот лидер Џенгис Кан, основач на најголемата копнена империја во историјата, кои произвел толку многу синови од неговите бројни жени и конкубини што веројатно 1 во 200 луѓе во светот потекнуваат од него преку машката линија. 

Мароканскиот владетел Исмаил Ибн Шариф имал околу 1000 деца и бил исто така познат по својата суровост и бескрупулозност - наводно ѕидните на градот Мекнес ги „украсил“ со главите на 10.000 непријателски војници. Всушност, бројката на неговите деца изгледа толку висока што група биолози истражиле колку често всушност тој би требало да има секс за да има толку деца. Резултатот е, во просек три пати дневно, на секои два дена.

Фараонот Размес Втори имал над 100 деца; Ибрахим Ноја, кој владеел со народот Бамум во Камерун, имал околу 350 од над 1000 жени. Кралот Собуза Втори од Свазиленд произвел 210 деца во текот на неговото рекордно владеење од 82 години.

Во Европа, Август Силниот, владетел на Саксонија и на Полска, наводно имал 354 деца. За споредба, најплодниот англиски крал, Хенри Први, имал патетичен збир од 26 потомци, од кои 24 биле вонбрачни. 

Поттикот одредени мажи да расфрлаат семе по земјата не е сопрен, но нему сега му се пристапува малку поинаку. Денес не мора да парадирате со главите на вашите непријатели низ град или да пиете од нивните черепи - само треба да отворите сомнителна клиника за сперма и да го искористите вашиот сопствен „материјал“ (за еден таков случај од 1980-тите во Холандија пишувавме во освртот за „Сите деца на Луи“ од полскиот писател Камил Балук тука).

Но и најплодните донатори сега можат да бидат загрозени од најбогатиот маж на светот. Илон Маск, кој често изразува загриженост за намалувањето на глобалниот фертилитет, самиот засега има 14 деца, од неколку различни жени. Некои од нив имаат многу необични имиња, како Техно Механикус или X Æ A-Xii. Веројатно неговиот мотив да има повеќе деца е резултат на спомнатиот про-натализам, а не на некакви страсти.

Историјата е полна со примери на вакви познати мажи кои произведуваат и официјални наследници но и полубраќа и полусестри - ривали што се има покажано како особено деструктивно во одредени историски околности. На пример, кога Шпанците пристигнале во Новиот свет, повеќе од дваесет вонбрачни деца на царот на Инките, Хуана Капак, почнале војна едни против други, фатално слабеејќи ја државата. Во Отоманскиот систем, во кој султанот имал бројни деца со конкубини, смртта на владетелот била следена со морничава битка за тронот во кој поразените браќа и сестри биле убивани а нивните тела ставани во вреќи и фрлани во Босфор. Можеби нешто слично кога ќе дојде време да се дели имотот на Илон, а луѓето од далечни планети ќе раскажуваат митови за плодниот маж од 21 век кој ги создал оние кои ќе се грабаат за него. 

извор

13 март 2025 - 20:30