Самозапалување на еден музеј

Музејот на современа уметност во Казорија, близу Неапол, почна да ги пали делата од својата колекција, во знак на протест заради намалувањето на буџетот на институциите од областа на културата. Директорот на музејот, Антонио Манфреди, лично ја запалил првата слика.

„Нашата колекција од 1,000 уметнички дела и така ќе пропадне поради незаинтересираноста на Владата. Нема пари за одржување. Имаме чести поплави, а надвор има огромни купишта ѓубре", изјавил тој.

Неговите најголеми проблеми почнале откако поставил изложба која била критички настроена кон локалната мафија, Камора. „Не можете да го сторите тоа, а потоа да добивате пари од компаниите во регионот, кои се во канџите на Камора“, додал Манфреди.

Авторка на запалената слика е француската уметница Северин Бургињон, која ја поддржала акцијата, но сепак со жалење го следела палењето на Скајп. Манфреди планира да пали три слики неделно во знак на отпор против, како што ја нарекол, „војната против уметноста". Неговиот протест всушност почнал уште пред еден месец, кога запалил сопствено дело, и испратил писмо со предупредување дека ќе продолжи со горење на музејската збирка до надлежните во земјата, како и да Европската парламентарна комисија за култура и образование. До сега ниту една од институциите не реагирала.

Уметниците од цела Европа се солидаризираа, а велшкиот вајар Џон Браун исто така запалил едно свое дело, затоа што неговата уметничка организација во минатото изложувала во овој музеј.

Италијанската должничка криза доведе до оставка на премиерот Силвио Берлускони. Од неговото заминување минатата година, Владата услови поостри мерки на штедење, кои особено се чувствуваат во културата. Една од водечките италијански галерии, Макси музејот на современа уметност, соопшти дека нејзиниот буџет во 2011. бил намален за 43%. Реакции стигнуваат и заради занемарувањето на Помпеја, едно од највредните археолошки наоѓалишта во светот.

Видео од палењето, на италијански

18 април 2012 - 20:47