Екстремна книжевна самопромоција

Сам себе го пукал

Реј Долин, автостопер кој неколку месеци работел на неговата книга-патепис за патувањата низ САД под наслов „Љубезноста на Америка", бил застрелан пред неколку дена за време на едно од неговите патувања. Или не?

Како што извести Асошијетед Прес, 39-годишниот Рeј од Западна Вирџинија седнал крај патот, некаде во пустелијата на Монтана, кога непознат возач застанал и го застрелал во раката.

Тоа беше првата вест, која со голема брзина се прошири по медиумите и социјалните мрежи. Но набргу истата агенција објави нова, уште пошокантна вест. Имено, надлежните веруваат дека Долин, кој во моментов се опоравува во болницата во Мајлс сити, самиот се застрелал во раката, во очајнички чин на самопромоција. Случајот и понатаму се истражува, а според извештаите на локалната полиција покренувањето обвинение против Долин е прилично веројатно.

Ова секако не е прв бизарен случај на самопромоција на писател-дебитант. Некои се подготвени да пукаат во себе, а други измислуваат приказни од концентрациони логори. Пред две години беше актуелен случајот на Херман Розенблат, автор на книгата „Ангел на оградата", кој пред милионскиот аудиториум на шоуто на Опра Винфри раскажал измислена приказна во која учествуваат тој и неговата оспруга. Според неа, Херман на состанок на слепо во Њујорк се сретнал со девојка по име Рома, со која се оженил. Но поентата е во тоа дека на Херман, кој како мал бил во конц логорот Бухенвалд, таа иста девојка му фрлала јаболки и крушки преку бодликавата жица, за по холивудска игра на случајот сосема неочекувано да се сретнат после многу години на друг крај на светот.

Американските новинари набргу провалиле дека станува збор за обична измислица, и Розенблат е посрамотен и презрен од еврејската заедница, како личност која е спремна на грозна измислица и тривијализирање на настаните во логорот, во кој животите ги загубиле 250 илјади луѓе. По ова чинот на пукање во себе изгледа како нешто полуцидно однесување.

20 јуни 2012 - 13:19