Фондацијата Бејелер базирана во Базел и телекомуникациската компанија Свиском, отворија конкурс повикувајќи ги своите сограѓани да испратат предлози за тоа како би поминале еден ден со оригинален Пикасо дома. Најубедливиот меѓу нив, кој ќе ги освои срцата и на јавноста и на жирито, ќе ја има оваа несекојдневна можност.
Натпреварот #myprivatepicasso ќе му овозможи на еден љубител на уметноста од Швајцарија да биде домаќин на „Жената со шапката (Дора)“ на Пикасо, и тоа во тек на 24 часа почнувајќи од 16 април. Портретот од 1939 ја прикажува Дора Мар - музата на сликарот и самата успешна фотографка. Сликата вреди „неколку милиони“ швајцарски франци.
Заинтересираните до 1 април треба да пополнат онлајн пријава, наведувајќи ги деталите околу тоа како би го поминале тој ден, од поставувањето на сликата до организирање настан по повод нејзиното привремено присуство. Учесниците треба да понудат и фотографија или видео во кое би се видело со какво сместување располагаат, дали станува збор за студентски дом (го замисливме Пикасо во „Гоце Делчев“), семеен дом или шумска колиба.
По затворањето на повикот следи онлајн гласање, а 20-те апликанти кои ќе добијат најмногу гласови ќе влезат во финалето. Посебно жири ќе ги посети и процени, и ќе го открие победникот на 10 април.
Секако, портретот не смее да виси во купатило, во кујна или на небезбедно место, иако ќе биде врамен во најсовремена „смарт“ рамка со сите салтанати. Во неа има осум сензори кои мерат сè и сешто, како вибрации при транспорт или преголемо приближување до сликата. Но и учесниците треба да се подготвени дека ќе бидат снимани, и директно заради филм кој треба да произлезе од проектот, но и индиректно преку самата слика, во чија рамка е вградена камера.
Целата кампања е насочена кон промовирање на тековната изложба на Пикасо, под наслов „Младиот Пикасо: синиот и розовиот период“.
Видео за конкурсот, на тежок швајцарско-германски: