Еден од најпопуларните предмети во Американскиот музеј на џезот во Канзас Сити е алто саксофон од фирмата Графтон, кој е посебен поради повеќе причини. Прво, направен е од пластика, за разлика од повеќето саксофони, кои се направени од лим. Спомнатата компанија ги продавала овие модели 10 години, почнувајќи од 1950. Но главната причина зошто секој посетител застанува пред него е што на него свирел еден од најголемите саксофонисти на сите времиња, Чарли Паркер, на нешто што денес многумина го сметаат за најдобриот џез концерт на сите времиња.
Станува збор за настап кој се одржал во Мејси Хол во Торонто, Канада, на 15 мај 1953. Настанот е значаен момент во музичката историја, бидејќи тоа било последен пат кога саксофонистот Чарли Паркер, трубачот Дизи Гилеспи, пијанистот Бад Пауел, басистот Чарлс Мингус и тапанарот Макс Роуч свиреле заедно како квинтет, а прв пат сите петмина да снимаат заедно. Концертот се случил две години пред смртта на Паркер и означува пресвртна точка пред неговото здравје да тргне по надолна линија.
Тој лесно можел да не биде снимен, бидејќи вечерта немало публика ниту пак кој знае каква атмосфера. Причината било тоа што истовремено се одвивал голем боксерски меч помеѓу Роки Марчијано и Џерси Џо Валкот. Дизи Гилеспи среде концерт трчал зад сцена да го слушне најновите вести на радио поврзани со мечот. Но ова не бил единствениот проблем. Бад Пауел само што излегол од болница. А саксофонот на Паркер завршил во обложувалница па организаторите му го дале пластичниот. Маките продолжиле и по концертот - на снимката не се слушал басот на Мингус, па откако некако се убедиле да не ја уништат лентата, тој врз постоечката снимка го снимил својот бас. Првото издание на албумот излегло под етикетата на неговата дискографска куќа. Завчера, 3.1., излезе ново, луксузно издание на истата плоча.
Саксофонот пак денес е изложен благодарејќи на конгресменот Емануел Кливер. Тогаш градоначалник на Канзас Сити, тој побрзал да го откупи на аукција кај Кристис во Лондон во 1994. Иако наддавањето почнало со 5000 долари, на крај Кливер го добил за 144.000.
Види претходно за уште еден џезер со пластичен саксофон