Радио драма, серија и филм за едно исто киднапирање од 1977 - зошто? 

Случајот на Тони Кирицис, кој во февруари 1977 година држел човек заложник повеќе од два и пол дена, последниве години повторно го привлекува вниманието – преку подкаст серија, телевизиска серија и филм на Гас Ван Сант. Три различни раскажувања за еден настан, во кој медиумите не биле само сведоци туку и дел од драмата. И покрај очигледниот штоф за приказна, резултатите на сите овие обиди да се долови возбудата на известувањето во едно поинакво медиумско време и да се начнат важни социјални прашања, се во просек - просечни. 

На 8 февруари 1977 година, во Индијанаполис, 44-годишниот Тони Кирицис влегол во канцеларијата на компанијата „Меридијан моргиџ“ и го киднапирал Дик Хол, син на претседателот на компанијата. На неговата глава поставил скратена сачмарка, поврзана со жица со киднаперот – механизам што го нарекол dead man's line. Причината за киднапирањето била деловен спор околу земјиште и заем: Кирицис сметал дека компанијата го измамила и го довела до финансиска пропаст. Неговите барања биле пет милиони долари, повлекување на обвиненијата и јавно извинување. Но, покрај парите, очигледно му било важно и нешто друго – да биде слушнат, да ја раскаже својата верзија и да ја оцрни компанијата пред јавноста.

Колку и да изгледал луд, Кирицис точно знаел што прави - не сакал само да преговара со полицијата, туку и да комуницира со медиумите. Особено инсистирал да разговара со Фред Хекман, новинар и уредник на информативната програма на локалното радио. Така Хекман станал посредник меѓу киднаперот и јавноста, пренесувајќи ги нивните разговори во живо. Во текот на 63-часовната криза, новинарот се нашол во необична и етички деликатна позиција: истовремено известувал за настанот, комуницирал со вооружениот киднапер и учествувал во обидот да се спаси заложникот. На 10 февруари киднаперот се предал, а Хол преживеал. Подоцна, Кирицис бил прогласен за невин поради наводна непресметливост, бил сместен во психијатриска институција и ослободен во 1988 година. Починал во 2005 година.

Оваа приказна е раскажана ни повеќе ни помалку на три различни начини, во форма на подкаст, серија и филм, небаре е за некој настан што го променил текот на светската историја. Документарниот филм Dead Man's Line (2018, достапен целиот на Јутјуб), на Алан Бери и Марк Енохс, е најблиску до историскиот настан: користи архивски снимки, оригинални телевизиски и радиоизвестувања, како и сведоштва на луѓе што биле непосредно вклучени во кризата. 

Подкастот American Hostage (2022), во кој Џон Хам (од „Мед мен“) го игра Фред Хекман, е фикционализирана аудиодрама инспирирана од настанот во 10 епизоди (слушавме две од нив). Неговиот успех потоа довел до истоимената телевизиска серија, исто така со Хам како Хекман и одличниот Џовани Рибизи како Кирцис. Серијата, во моментов достапна на ХБО, е во непотребни осум епизоди и се фокусира на односот помеѓу новинарот и киднаперот, додека во позадина тече обид на властите во спрега со адвокатите да го наместат Тони, па дури и да го убијат. 

Најнов е филмот Dead Man's Wire (2025), во режија на Гас Ван Сант, со Бил Скарсгард како Кирицис, Колман Доминго како радио-водителот Фред Темпл и Ал Пачино како сопственикот на Меридијан моргиџ, нуди поинаков пристап. Ликот на новинарот е преименуван и, кој знае зошто, суштински изменет: наместо реалниот бел новинар Фред Хекман, филмот создава црн радио-диџеј, со поинаква културна позиција. Ван Сант не се обидува да направи дословна реконструкција, туку ја користи вистинската приказна за да размислува за медиумскиот спектакл, моќта, класните разлики и незадоволството од институциите.

Она што ги поврзува трите дела, но и ги прави интересни за споредба, е прашањето кој има право да ја раскаже приказната и што се случува кога медиумите ќе станат дел од самиот настан, па дури и такви од 1970-тите, со неспоредливо помала моќ за манипулација отколку денешните. Сепак, останува прашањето зошто еден ваков настан би предизвикал толку голем интерес за адаптација и екранизација и тоа во релативно краток временски период. Малиот човек наспроти системот очигледно останува голема приказна. 

Илина, Букбокс

4 ноември 2026 - 10:31