Првата дрег кралица била поранешен роб?

Неговото име било Вилијам Дорси Свон, но неговите пријатели го знаеле како „Кралицата“. Роден околу 1858 во САД, тој го преживеал ропството, Граѓанската војна, полициската тортура. При крајот на 19 век станал познат како прв човек кој себеси се претставувал како дрег кралица.

Во 1896, откако бил обвинет и осуден на 10-месечен затвор по лажна пријава за „водење на неуредна куќа“ - еуфемизам за бордел - Вилијам Свон, поранешен роб, барал помилување од претседателот Грувер Кливленд за тоа што организирал забави за неговите пријатели, мажи облечени во женска облека. Иако бил одбиен, ова претставувало историски чин: Свон така станал првиот Американец кој презел законски и политички чекори за одбрана на правото на квир заедницата да се собира без да биде криминализирана или полициски гонета.

Случајот станал медиумска сензација. Наслов во Вашингтон пост од 13 април 1888 гласи: „Прекината црнечка журка: тринаесет црни мажи облечени како жени изненадени на вечера и уапсени“. Според статијата уште десетина избегале од полицијата, а Свон се обидел да ѝ се спротивстави на полицијата, храбро велејќи му на одговорниот: „Ти не си џентлмен“. Во караницата која следела, „прекрасниот фустан од кремаст сатен“ на Кралицата бил направен партал. И оваа тепачка се смета за прв познат пример на насилен отпор во името на ЛГБТ правата.

За мнозинството Американци од 19 век, журката била шокантен и неморален настан организиран од малцинство „фрикови“. Па сепак, и тоа малцинство направило голем впечаток: стотици сеирџии ја следела полицијата и уапсените до станицата колку да се нагледаат свила и кожа.

Тајни „балови“ од овој тип биле организирани со години. За тие да бидат елегантни, Свон бил приморан да краде чинии, сребрен прибор и други нешта потребни за забавите, за што бил и апсен. Но упадот од 1887 направил пошироката јавност прв пат да чуе за него и за неговите пријатели. Имињата на уапсените и осудените биле печатени во весниците, на тој начин поттикнувајќи јавно срамотење. Но освен за рекла-казала муабети, оваа група почнала да станува интересна и за научниците од тоа време, особено за психијатрите, и тоа за оние кои се занимавале со сексуалноста. Така, извесен д-р Чарлс Хамилтон Хјуз ја опишал групата на Свон во медицинско списание од 1893 како „организација на обоени еротопати“ и „банда пијавици од сексуални перверти“. Негов колега, доктор Ирвинг Роуз, ги опишал како „група црни мажи со андрогини карактеристики“.

Од една страна, ваквата јавна експонираност ги намалувала шансите за криење на групата. Но од друга, информацијата за нејзиното постоење поттикнала и други да ѝ се придружат. Собиранките продолжиле, на нив се пееле и играло народно, а посебно популарен танц бил тн. „кејквок“ бидејќи најдобриот танчар бил наградуван со колаче.

Сето ова било особено значајно во светлината на ставовите кон машкоста на американскиот (и не само американскиот) 19 век. На почетокот на Граѓанската војна, претседателот Абрахам Линколн, ја поттикнал нацијата „да оди напред без страв и со машко срце“, да војува во војна која на крај ќе доведе до целосно признавање на правото на граѓанство на црното население. Во 1879, аболиционистот Фредерик Даглас изјавил „со целосно почитување на сите мажествени квалитети, црнецот треба да се избори за почитување во секој дел од републиката“.

извор

3 февруари 2020 - 09:05